Владата донесе одлука за одземање на лиценците на уште шест компании кои се занимаваат со одгледување медицински канабис, информираше денеска владината портпаролка Марија Митева на прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Според Митева, одлуката е донесена по извршена проверка од страна на надлежната Комисија, при што биле утврдени законски пропусти кај компаниите.
– Станува збор за законски пропусти констатирани при контролите спроведени од Комисијата која е надлежна да ги проверува условите што треба да ги исполнуваат фирмите кои се занимаваат со оваа дејност – изјави Митева.
Со оваа одлука, бројот на компании кои останаа без лиценца за производство на медицински канабис се искачи на 12.
Претходно, на 24 февруари, Владата им ги одзеде лиценците на шест фирми – „Алфафарм“, „Гринлајф“, „ЦБД Медплант“, „Лајфплант“, „Атафарм“ и „Канабидоис“ – поради низа утврдени неправилности, меѓу кои административни, инфраструктурни, технолошки и кадровски пропусти.
Одземањето на лиценците е дел од вонредните контроли што Владата ги започна во секторот, а кои треба да опфатат вкупно 43 правни лица што се занимаваат со одгледување канабис.































