Фото: ЕПА

ЗИМСКИТЕ ПАРАОЛИМПИСКИ ИГРИ ОТВОРЕНИ СО ПРЕКРАСНА ЦЕРЕМОНИЈА

  • Параолимпијците се подготвени да ги редефинираат можностите, да ги поместат границите на човечките способности и да покажат што можат да постигнат луѓето кога се почитуваат и им се даваат шанси за успех, рече во поздравниот говор, претседателот на ИПОК, Ендрју Парсонс

Со церемонијата на отворање, Зимските параолимписки игри (ЗПОИ) во Милано и Кортина д`Ампецо почнаа на спектакуларно место на светското наследство на УНЕСКО, во двеилјадигодишната „Арена ди Верона“. Италија вторпат е домаќин на ЗПОИ. Знамето на Андора ја почна парадата на спортистите, а италијанските спортисти беа последните што влегоа во арената. Дебитанти на ЗПОИ се Македонија, Хаити, Салвадор, Португалија и Црна Гора, пишува Интернационалниот параолимписки комитет (ИПОК). Единствениот македонски учесник на ЗПОИ 2026 е алпскиот скијач Зоран Јовановски, кој ќе настапи во дисциплината слалом, класа седење ЛВ11, на патеката во познатиот алпски скијачки центар „Тофане“.
По парадата на спортистите, Мишел Спекијале, познат како Мики Бионик, првиот диџеј во светот со бионичка рака, донесе порака за иновација, инклузија и „живот во движење“. Неговата протеза користи сензори што читаат мускулни сигнали, дозволувајќи му да манипулира со винили, миксери и контролери. Танчари облечени во црвена, зелена и сина боја го формираа логото на Параолимписките игри, а потоа, претседателот на ИПОК, Ендру Парсонс, му се обрати на светот.
– Од 1976 до 2026 година, овие ЗПОИ го почитуваат нашето минато, ја слават нашата сегашност и обликуваат поинклузивна иднина. А таа иднина сега ни е потребна повеќе од кога било. Параолимпиското село е жив модел на тоа што општеството може и треба да биде, ослободено од политика. Тоа е место каде што секој е добредојден, секој припаѓа и секој е ценет. Заедница без бариери каде што потенцијалот е реализиран, а можностите се отворени за сите. Параолимпијците се подготвени да ги редефинираат можностите, да ги поместат границите на човечките способности и да покажат што луѓето можат да постигнат кога се почитуваат и им се даваат шанси за успех.

Фото: ЕПА

Разликите не се причини за разделба, туку извори на сила. И сега во оваа древна арена ја поздравуваме новата генерација херои – изјави меѓу другото Парсонс.
Софи Аденот, астронаут од Европската вселенска агенција, која сега е на Меѓународната вселенска станица, ги покани гледачите да размислат како можат да го предизвикаат и поттикнат човечкиот потенцијал. Михаела Бентаус, воздухопловна инженерка и прва корисничка на инвалидска количка што стигна до вселената на суборбитален лет, зборуваше за своето искуство и потенцијалот на соништата. Двете жени им дадоа посебна порака на спортистите на Игрите.
Спектакуларната церемонија на отворање на ЗПОИ 2026 заврши со големо музичко финале, во кое се реинтерпретира познатата италијанска песна „Nel blu dipinto di blu“ од Доменико Модуњо. Многу гласови и музичари, познати и непознати, се собраа со уникатен пристап кон песната, вклучувајќи музички стилови што се движат од рап, џез и фолк до поп и рок и од класична до електронска музика. Претставувајќи ги различноста и инклузијата, песната беше совршен завршеток за спектакуларна церемонија на отворање, со што официјално се означи отворањето на ЗПОИ 2026, пишува ИПОК. Г.И.