АЛПСКО СКИЈАЊЕ – СВЕТСКИ КУП

  • Како ретко кога, првите пет скијачи беа раздвоени со девет стотинки разлика

Атле Ли Меграт од Норвешка победи во неверојатно тесна слаломска трка во Крањска Гора (Словенија) во Светскиот куп во алпско скијање. Водечкиот тркач во слалом сезонава победи со една стотинка предност пред сонародникот Хенрик Кристоферсен, четири стотинки задоцни Лукас Бротен од Бразил.
Како ретко кога, првите пет скијачи беа раздвоени со помалку од 10 стотинки разлика, откако четвртопласираниот Михаел Мат од Австрија имаше шест стотинки послабо време од победникот, а Линус Штрасер од Германија девет стотинки. По двете слаломски трки, вкупно 19 скијачи беа раздвоени со помалку од една секунда разлика (19-от беше за 97 стотинки побавен од Меграт).
Со победата, Меграт се издвои на првото место во поредокот за слалом, но за трофејот ќе се решава во финалето на сезоната, во Хафјел (Норвешка), на крајот на март. Со мала бодовна разлика зад Меграт се Бротен, кој во саботата победи во велеслаломот во Крањска Гора, потоа Клемен Ноел од Франција, Кристоферсен… Н.М.