Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на Владата, Христијан Мицкоски, изјави дека во изминатите месеци јавноста во Македонија била изложена на опозициска кампања, дека Владата тајно преговара за прифаќање мигранти од Обединето Кралство, тврдење кое, според него, било демантирано од британската дипломатија.
Мицкоски посочи дека британскиот амбасадор во земјава, Метју Лосон, јавно изјавил дека не постои и никогаш не постоел договор за прифаќање мигранти, ниту пак се водат преговори за отворање центри за мигранти во земјата.
Според него, со тоа паѓаат обвинувањата што, како што рече, со месеци ги пласирале СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче, обидувајќи се да создадат паника меѓу граѓаните.
– Со месеци се пласираше приказна без ниту еден доказ или документ, само со шпекулации и сензационализам, со цел да се создаде страв дека Македонија ќе стане камп за мигранти – изјави Мицкоски.
Тој оцени дека ваквите тврдења претставуваат „деструктивен и потенцијално опасен модел на политичко однесување“, при што, како што рече, прво се создава сензационалистичка приказна, а потоа медиумска паника.
Мицкоски ја обвини опозицијата дека и во други случаи ширела, како што рече, неточни информации, за наводно прикривање на случај со запленета дрога во Србија, за состојбата со пожарите во државата и за финансиската стабилност на пензискиот систем.
Воедно, тој реагираше и на, како што рече, политичката злоупотреба на трагичниот случај во скопската општина Карпош, каде животите ги загубија мајка и нејзината малолетна ќерка.
Според Мицкоски, трагедиите не смеат да се користат за дневнополитички цели, особено во период кога, како што рече, општеството треба да зборува за безбедноста и достоинството на жените, во пресрет на Меѓународен ден на жената.
Тој додаде дека во последниот период настапите на претставниците на СДСМ се, како што рече, обележани со нервоза и политичка паника.

































