Нашата визија е јасна – образованието мора да биде темел на развојот на државата. Нема силна економија без силни универзитети, нема модерна држава без образовани и мотивирани млади луѓе, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето на поставувањето камен-темелник на нов кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје.
Како што истакна Мицкоски, кампусот ќе се гради на површина од 31.000 метри квадратни и ќе претставува современ академски комплекс со модерни амфитеатри, студентски простор, базен, спортски сали – инфраструктура согласно потребите на современото високо образование. Инвестицијата е вкупно 42 милиона евра, од кои 40 милиони се за изградба, а два милиона за надзор на градбата.
– Оваа инвестицијата е дел од една поширока слика, сликата на образованието што го градиме. Денес поставуваме темел на нешто што е многу повеќе од градежен проект – темел на иднината. Со почнувањето на изградбата на новиот модерен кампус, ја потврдуваме нашата црвста опредлеба да инвестираме во знаење, во младите и во развојот на високото образование. Овој проект е стратешка инвестиција во иднината на државата што ќе создаде современи услови за образвание, научна работа и академски развој – подвлече Мицкоски.
Според министерката за образование и наука, Весна Јаневска, Владата продолжува да ги подобрува инфраструктурните услови за наставниците и студентите.
– Ова е исклулително важен момент, се поставува камен-темелник на најмладиот Универзитет. Ги подобруваме инфраструктурните услови за наставниците и за студентите – да бидат мотивирани, посебно професорите – да обезбедат одлично образование, да им пренесат на студентите знаење и вештини. Верувам дека изградбата ќе оди според плановите и дека за пет години ќе имаме прекрасно здание – храм на науката, образованието, уметноста и на создавање човечки капитал. Очекувам тие што тука ќе работат и ќе учат, да ѝ вратат на државата со стекнување сериозни знаења и вешини, да ја направата земјата поконкурентна – истакна Јаневска.

































