Анализа: Балканска дијагноза
- Балканот се наоѓа веднаш до Германија, Австрија, Италија и до некои од најбогатите пазари на светот, кои буквално се на неколку часа возење до него. Токму овој регион од 1990 година, по падот на социјализмот, има добиено милијарди во странска помош, од ЕУ, од Светската банка, од меѓународни развојни организации итн. А, сепак, 35 години по падот на социјализмот/комунизмот, Балканот останува заглавен. Младите заминуваат во рекорден број, а цели држави се празнат… Која е вистинската причина за тоа?
Ова не е една од многуте популарни балкански приказни за историјата, ниту пак е приказна за етнички конфликти, за „древни омрази“ или за наследството од војните…, тоа погоре наведено е само изговор за причините за стагнацијата на Балканот. Нешто сосема друго е во прашање. Имено, вистинската причина зошто Балканот не може да избега од економската стагнација е едноставна: системот е дизајниран за извлекување вредност, а не за развој. И луѓето што управуваат со системот немаат никаков мотив да го променат. И за нив, тој функционира совршено.
Систем дизајниран да извлекува богатство и да извезува талент
Во оваа анализа ќе биде накусо опишано како постсоцијалистичката приватизација со умисла ги уништи индустриските капацитети на Балканот и го концентрираше богатството во рацете на мала елита…, за тоа како „одливот на мозоци“ стана трајна карактеристика на економскиот модел и за тоа како клиентелистичките политички машини ги држат луѓето зависни од државата и го блокираат напредувањето според заслуги. И зошто ЕУ и странските инвеститори и кредити наместо да направат сѐ за Балканот да излезе од стапицата, тие ја зацврстуваат.
Ова е приказна за заробен регион (држави) каде што политичката моќ и економските интереси се споиле во затворен систем дизајниран да извлекува богатство и да извезува талент. Трагедијата е што сите знаат дека тоа се случува, но никој не може да избега. Затоа што стапицата е самиот систем, а системот е создаден да не те пушти надвор.
По 1990 година, по падот на комунизмот и распадот на социјализмот, за многумина тоа значеше ослободување, односно „крај на централизираното планирање и почеток на слободниот пазар“. Но на Балканот приватизацијата значеше нешто сосема друго.
Под социјализмот, повеќето индустриски капацитети беа општествена сопственост (фабрики, рудници, инфраструктура, земјиште… итн.). Не беа класично државни, ниту приватни, туку управувани од работнички совети. А кога тој систем се распадна, тие мораа да се приватизираат. Прашањето беше: кој ќе ги добие и по која цена?
Наместо транспарентни аукции и широка сопственост, политички поврзани поединци, поранешни функционери и луѓе блиски до новите власти ги купуваа по сценарио со умисла направено, по намерно потценети вредности. Фабрика вредна 50 милиони долари се продаваше за пет милиони. Рудник вреден 100 милиони – за 10 милиони. Купувачите не сакаа да ги развиваат, туку да ги распарчат. Купуваш фабрика за пет милиони, продаваш машини вредни 20 милиони, ги отпушташ работниците и заминуваш со четирикратна добивка за неколку месеци.
Тоа се случуваше илјадници пати во 1990-тите и раните 2000-ти. Цели индустрии беа демонтирани, не затоа што беа нерентабилни туку затоа што нивното уништување беше попрофитабилно од нивното водење.
Што се случи натаму во земјите на Балканот? Новиот систем наградуваше извлекување, а не развој
Невработеноста експлодираше. Во Србија од 15 отсто во 1990 на 35 отсто до 2000 година. Во Босна и Херцеговина достигна 40 отсто. Во Македонија исто, имаше слични бројки. Регионот од производител на автомобили, текстил и машини стана регион што увезува речиси сè и извезува суровини и евтина работна сила. Но богатството не исчезна, туку се концентрираше. Мала елита се збогати енормно. Купуваа луксузни станови во Белград, Сараево, Скопје, ги праќаа децата на западни универзитети и ги префрлаа парите во странски банки. Речиси ништо не реинвестираа локално во своите земји, бидејќи системот наградуваше извлекување, а не развој.
Кога ќе уништиш индустрија и ќе концентрираш богатство кај малкумина, луѓето заминуваат. И тоа не малку, туку сите што можат. Одливот на мозоци на Балканот не е привремен, туку структурен и сè побрз. Од 2000 година, регионот изгубил околу 30 отсто од населението, и тоа не од војна, туку од иселување. Млади, образовани, амбициозни луѓе, токму тие што се потребни за развој.
Доктор во Србија заработува околу 800 долари месечно; во Германија – 6.000. Инженер во Македонија – 1.200. Но не станува збор само за плата туку за можности. Без политички врски, на луѓето „плафонот им е низок“. Бизнис се отвора со дозволи, подмитување и бирократски лавиринти. Кариера се гради со лојалност, не со знаење. И затоа луѓето си заминуваат, носејќи со себе знаење, плаќање даноци на својата држава и основање идни генерации. Остануваат старо население, намалена работна сила и послаба економија. Лошото управување поттикнува иселување, иселувањето ја слабее економијата, слабата економија создава уште полошо управување. Маѓепсан круг.
Балканската стапица не е случајна, таа е структурна
Но за политичките елити тоа не е проблем, туку вентил. Иселувањето носи дознаки (од странство). Во 2025 година дознаките кон Србија изнесувале 4,2 милијарди долари, кон Босна 3,1 милијарди, кон Македонија 1,8 милијарда. Во Босна учеството на дознаките е околу 12 отсто од БДП. Дознаките ја одржуваат потрошувачката и го намалуваат притисокот за протести. Луѓето на Балканот едвај преживуваат, но доволно за системот да остане стабилен. Политичкиот систем функционира преку клиентелизам. Партиите не се натпреваруваат со политики, туку со тоа колку работни места, дозволи и услуги можат да распределат. За работа во јавен сектор треба партиска припадност. Во Србија 25–30 отсто од работната сила е вработена во државата. Многу работни места се политички неопходни, не економски. Дозволи, здравство, договори… сè се добива преку врски и мрежи на поврзаност (роднинска, пријателска итн.), не преку заслуги. Моќта е сè, компетентноста е споредна. Најповрзаните (кои имаат „најдебели“ врски) напредуваат, при што и немаат интерес да го менуваат системот.
Паралелно, во градовите никнуваат луксузни згради. Просечна плата во Белград е околу 700 долари, а станови се продаваат по 2.500 долари за квадрат. Парите доаѓаат од дијаспората, перење пари и од неформални капитални текови. Пазарот на недвижности станува шпекулативен меур одвоен од реалната економија.
Надворешните актери ја зацврстуваат ваквата состојба. На пример, ЕУ сака стабилност и контролирани граници, па затоа, заради „мир пред куќа“, ЕУ на Балканот толерира корупција додека нема војни и миграциски бранови. Странските инвеститори доаѓаат поради евтина работна сила и заминуваат кога условите ќе се сменат. Балканската стапица не е случајна. Таа е структурна. Приватизацијата го концентрираше богатството. Одливот на мозоци го извезе талентот. Клиентелизмот ја блокираше меритократијата. Недвижностите станаа канал за перење пари. Надворешните актери го одржуваат статус квото. Системот функционира, но не за луѓето што живеат во него. За нив, стапицата е самиот систем. А системот е создаден никогаш да не те пушти надвор. Р.С.
































