Фото: Маја Јаневска Илиева / Илустрација

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) најави дека на 14 март во Скопје ќе се одржи нов работнички протест, на кој ќе се бара зголемување на минималната плата на 600 евра, како и линеарно покачување на останатите плати за најмалку 6.000 денари.

На прес-конференција одржана во Работничкиот дом, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека одлуката за продолжување на синдикалните активности е донесена поради, како што рече, игнорирањето на нивните барања од страна на Владата и работодавачите. Според него, планираното законско усогласување на минималната плата од 1.667 денари е недоволно и не одговара на реалните трошоци за живот.

Трендафилов ги повика работниците од целата држава масовно да се приклучат на протестот, посочувајќи дека за тие што доаѓаат од други градови ќе биде обезбеден организиран превоз.

Тој нагласи дека доколку работниците не излезат и не се борат за подобри услови, ќе се создаде впечаток дека сегашното ниво на плати е задоволително.

-Ако работниците не излезат на протест, тогаш Владата и работодавачите ќе имаат аргумент дека платите во Македонија се доволни и дека зголемување од 1.667 денари е прифатливо – рече Трендафилов.

Претседателот на ССМ посочи и дека најавеното мартовско усогласување не ја покрива ниту зголемената вредност на синдикалната потрошувачка кошничка. Според податоците од Управата за јавни приходи, додаде тој, околу една третина од вработените во државата примаат плата пониска од 30.000 денари, што според синдикатите е дополнителен показател за потребата од зголемување на платите.

Трендафилов потсети дека протестот во јануари покажал дека работниците не се плашат да ги изразат своите барања и дека бројноста на улиците носи резултати.

-Колку повеќе работници ќе излезат на улица, толку поголеми ќе бидат шансите да се постигнат конкретни резултати – истакна тој.

Во своето обраќање, тој ги отфрли обвинувањата дека синдикалните активности имаат политичка позадина, нагласувајќи дека ССМ нема да дозволи политичките партии да собираат поени на сметка на работничките проблеми.

Според него, сите политички субјекти имале можност да ги подобрат условите за работниците додека биле на власт.

На прашањето дали алудира на конкретна политичка партија, Трендафилов одговори дека критиките се однесуваат на сите политички фактори во земјата, вклучително и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потврди и дека во рамките на синдикатот веќе се донесени одлуки за можен генерален штрајк, како и за дополнителни протести и блокади. Сепак, нагласи дека нивната реализација ќе зависи од тоа колкава поддршка ќе дадат самите работници.

-Генералниот штрајк ќе се одржи, но за тоа е потребна значително поголема поддршка од онаа што ја видовме на протестот во јануари. Во спротивно, тоа ќе значи легитимирање на лошите политики кои одат на штета на работничките плати – порача Трендафилов.