Повод: Сенатот му даде зелено светло на Трамп за војната во Иран, се чека гласањето во Долниот дом на Конгресот
- По гласањето во Сенатот, кој му даде политички ветер во грб на Доналд Трамп, повторно се отвора старото прашање дали американските претседатели практично можат да започнат војна без одобрение од Конгресот
са „против“ и 47 „за“, американскиот Сенат ја отфрли т.н. Резолуција за воени овластувања, која имаше цел да го ограничи претседателот на САД, Доналд Трамп, во продолжувањето на воените операции против Иран без претходна согласност од Конгресот. Резолуцијата беше предложена од сенаторите Тим Кеин и Ренд Пол. Кејн предупреди дека „администрацијата не доставила докази дека САД се под непосредна закана од Иран“, додека Пол во предлог-резолуцијата го темелеше својот став врз уставната одредба според која „само Конгресот има право формално да објави војна“.
Иако иницијативата имаше поддршка од дел од двете партии, таа не беше усвоена. Демократскиот сенатор Џон Фетермен застана на страната на републиканците, додека Пол беше единствениот републиканец што гласаше спротивно од мнозинството.
Сепак, според аналитичарите, гласањето има пошироко значење и повторно ја отвори дилемата за „реалната распределба на воените овластувања во американскиот политички систем“.
Според Уставот на САД, Конгресот е тој што објавува војна
Според Уставот на САД, овластувањето за објавување војна му припаѓа на Конгресот. Основачите на државата намерно ја поставиле оваа контрола за да се спречи претседателот самостојно да ја вовлече земјата во конфликт. Претседателот, пак, е врховен командант на вооружените сили. Тоа значи дека може да нареди воени операции, но во принцип – само во рамките на војна што веќе е одобрена од Конгресот. Во пракса, меѓутоа, оваа поделба на овластувањата со децении се „растегнува“. Особено по Втората светска војна, американските претседатели сè почесто започнуваат воени операции без формална декларација за војна.
Правни и политички формулации со кои се заобиколува Уставот на САД
Американската администрација често користи правна и политичка формулација според која операциите не се формално „војна“, туку „воена акција“, „интервенција“ или „операција за национална безбедност“. Токму оваа терминологија им овозможува на претседателите да го заобиколуваат Конгресот и да донесуваат одлуки во рамките на своите овластувања како врховни команданти. Во 1973 година, по искуството од Виетнам, Конгресот ја донесе т.н. Резолуција за воени овластувања (War Powers Resolution), која треба да го ограничи претседателот. Според резолуцијата, претседателот мора да го извести Конгресот во рок од 48 часа по започнување воена операција и да ја прекине по 60 дена доколку не добие одобрение. Но, во пракса, овој механизам ретко ја спречувал Белата куќа.
Преседаните низ историјата на претседателите на САД
1. Првиот голем пример за заобиколување на Конгресот е Корејската војна (1950–1953)
Имено, тогашниот претседателот Хари Труман испрати американски трупи во Кореја без формална декларација за војна. Наместо тоа, тој ја оправда интервенцијата како операција под покровителство на Обединетите нации (ОН). Овој потег создаде преседан што подоцна ќе го следат многу претседатели.
2. Војната во Виетнам без формална објава
САД никогаш формално не објавија војна во Виетнам. Ескалацијата почна по инцидентот во заливот Тонкин, во 1964 година, кога Конгресот му даде широки овластувања на претседателот Линдон Џонсон да употреби сила во Југоисточна Азија. Иако резолуцијата не беше формална декларација за војна, таа овозможи масивна воена интервенција, која траеше повеќе од една деценија.
3. Војната во Србија
Во 1999 година претседателот на САД, Бил Клинтон, започна воздушна кампања против Србија во т.н. косовска војна. Интервенцијата беше изведена преку НАТО и траеше 78 дена, без формална декларација за војна од Конгресот.
4. Војната против Ирак и Авганистан
По познатиот 11 септември, во 2001 година Конгресот му даде широки овластувања на претседателот Џорџ Буш преку резолуцијата позната како АУМФ (AUMF – Authorization for Use of Military Force). Тоа ги овозможи војните во Авганистан и во Ирак, но и многу подоцнежни операции против терористички групи низ светот. Со текот на времето, оваа резолуција стана правна основа за десетици воени операции.
5. Војната во Либија
Во 2011 година претседателот на САД, Барак Обама, започна воена интервенција во Либија за време на Граѓанската војна во Либија. Администрацијата тврдеше дека операцијата не претставува „војна“ во правна смисла, па затоа не е потребна согласност од Конгресот. Овој аргумент предизвика сериозна уставна дебата во САД.
Примерите од последните 80 години покажаа дека претседателите на САД имаат значителен простор за самостојно дејствување
Гласањето во Сенатот околу политиката кон Иран всушност ја покажува реалната „рамнотежа“ на моќта во американскиот систем. Иако Конгресот формално има надлежност да објави војна, практиката во последните 80 години покажува дека претседателите имаат значителен простор за самостојно дејствување. Во тој контекст, дури и ако Конгресот се обиде да постави ограничувања, претседателот често може да ги заобиколи, било преку правни интерпретации, меѓународни коалиции или постојни резолуции за употреба на сила. Оттука, прашањето не е само дали претседателот на САД може да започне воена акција без Конгресот, туку колку постои политичка волја во моментот во Конгресот на САД навистина да го спречи тоа. Р.С.
































