Претседателот на Собранието Африм Гаши на свечената седница по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената порача дека положбата и застапеноста на жените се важен показател за квалитетот на демократијата и за институционалната зрелост на едно општество.
Во обраќањето тој истакна дека историјата на човештвото не може да се замисли без улогата на жените, нагласувајќи дека тие се темел на семејството, двигател на образованието и инспирација на културата.
– Историјата на човештвото не може да се напише без протагонизмот на жените. Тие биле и остануваат темелот на семејството, архитекти на образованието, инспирација на културата и гласот на општествената совест – рече Гаши.
Тој оцени дека родовата застапеност не е само прашање на права, туку и показател за функционалноста на демократијата и за моралната зрелост на институциите.
Гаши посочи дека земјата денес има жена претседател, што, како што рече, испраќа силна порака до девојчињата и жените дека највисоките позиции во државата се достижни.
– Република Македонија има жена претседател. Ова е порака до секое девојче и жена во оваа земја дека врвот на државата не е недостижен за нив – истакна претседателот на Собранието.
Тој им се заблагодари на пратеничките за нивната улога во законодавниот дом, нагласувајќи дека тие не се таму само за да пополнуваат квоти, туку да креираат политики и да ја збогатат политичката дебата.
Воедно, Гаши изрази благодарност и до жените вработени во Службата на Собранието, посочувајќи дека околу 65 проценти од вработените во институцијата се жени.
– Тие се експерти во различни области и посветени професионалци кои секојдневно придонесуваат за правилно и достоинствено функционирање на оваа институција – рече Гаши.
Сепак, тој предупреди дека и покрај институционалниот напредок, општеството и натаму се соочува со сериозни предизвици како што се семејното насилство, економските нееднаквости, дискриминацијата на пазарот на трудот и културните предрасуди.
Гаши повика на поголема општествена одговорност, нагласувајќи дека борбата за достоинството и правата на жените не треба да биде само задача на жените, туку и на мажите и на институциите.
– Кога една жена се образува, работи и води, никој не губи, а придобива семејството, државата и општеството – нагласи Гаши.
На крајот од обраќањето тој упати порака за почит и поддршка на жените во општеството, потенцирајќи дека општеството кое ги почитува и ги поддржува жените се издигнува до висината на своите вредности.

































