Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека главна цел на Унгарија во наредните четири години е да избегне да биде вовлечена во војна, нагласувајќи дека државните средства треба да се трошат за унгарските граѓани, а не за Украина.
Како што пренесува Index.hu, Орбан посочил дека зачувувањето на евтината руска енергија е од клучно значење за економската конкурентност на земјата. Тој предупреди дека големите финансиски трансфери кон Украина би можеле сериозно да ги оптоварат идните генерации.
Според унгарскиот премиер, во следните години Унгарија ќе се соочи со три главни предизвици – војната, снабдувањето со енергија и евентуалното членство на Украина во Европската Унија. Тој нагласи дека Будимпешта мора да остане надвор од воени конфликти, а кога станува збор за енергетиката, според него, одржувањето на руските извори на енергија е од суштинско значење.
Орбан оцени дека концептот на „диверзификација“ често се користи во енергетската политика, но дека оддалечувањето од еден извор не значи вистинска диверзификација, туку ограничување.
Тој исто така најави дека Унгарија ќе користи политички средства за да изврши притисок врз Украина да ја укине блокадата на нафтоводот „Дружба“ и да обезбеди непречен проток на нафта.
– Ќе победиме со сила, но со политичка, а не со воена моќ. Меѓународните договори ѝ забрануваат на Украина да ја блокира енергијата од политички причини. Ова е отворена уцена. Нè нападнаа, но не можат да нè скршат – изјави Орбан.
Осврнувајќи се на можноста Украина да стане членка на Европската Унија, Орбан рече дека според плановите на Унијата тоа би можело да се случи до крајот на 2027 година, но предупреди дека таквиот процес би чинел околу 360 милијарди евра.
Тој оцени дека Европската Унија во моментов нема доволно средства за таков чекор и додаде дека најголемите последици би ги почувствувал земјоделскиот сектор, бидејќи субвенциите за европските аграрни економии би се намалиле за околу 20 проценти, а дел од средствата од кохезионите фондови би биле пренасочени.
































