Фото: ИЈЗ/Презентација

Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) повеќе од една деценија биле складирани околу 10 тони опасен хемиски отпад, кој претставувал сериозен ризик за здравјето на луѓето и за безбедноста. Како што информираше директорката на Институтот, Марија Андоновска, отпадот во меѓувреме е безбедно отстранет и ќе биде извезен од државата, каде што ќе биде согорен во соодветни услови.

Станува збор за различни видови лабораториски хемикалии и исцедоци од анализи, кои се наоѓале во различна агрегатна состојба. Според Андоновска, дел од супстанците биле лесно испарливи и запаливи, што дополнително ја зголемувало потенцијалната опасност.

– Немавме упатство за управување со овој отпад, но веднаш ги алармиравме надлежните институции. За среќа, избегнавме хаварија и отпадот е отстранет. Очекувам да се утврди и одговорност – истакна Андоновска.

Во процесот на отстранување бил вклучен и технологот Трајче Србиновски, кој предупреди дека вакви опасни жаришта има и на други места во државата.

– Неколку јавни институции нè повикаа да направиме увид и да ги детектираме критичните точки. Чистењето зависи од количината на хемикалиите и начинот на нивно складирање, а цената е висока бидејќи во државата нема активна депонија за ваков вид отпад – објасни Србиновски.

Надлежните засега не откриваат во која земја ќе биде извезен опасниот отпад од ИЈЗ, но потврдуваат дека тој нема да остане во државата.