Собранието на денешната 90. седница ги избра Адмир Шабани за заменик-министер за одбрана и Дритон Сулејмани за заменик-министер за образование и наука. Одлуката беше донесена со 71 глас „за“ и 11 „против“.
Образложувајќи ги кадровските предлози, премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека изборот на новите заменик-министри претставува дел од поширок процес за јакнење на институционалниот систем и враќање на довербата кај граѓаните, а не само кадровско решение.
-Нашата обврска како Влада е да поставиме луѓе што имаат знаење, интегритет и чувство за државна одговорност. Луѓе што ќе работат посветено, професионално и чесно, во служба на државата и на сите граѓани – рече Мицкоски.
Во текот на расправата, премиерот одговори и на критиките упатени од пратеникот Халил Снопче од Алијансата за Албанците, кој ја оспори работата на Владата и предложените кадровски решенија.
-Народот ви даде кредит и вие треба да ги исполните ветувањата – рече Снопче, посочувајќи на растот на потрошувачката кошничка и цените на енергенсите, како и на, според него, недоволниот напредок во правосудството, борбата против криминалот, корупцијата и меѓуетничките односи.
Во одговор, Мицкоски се осврна на случаи поврзани со криминал, меѓу кои и директорот на Геријатрија во Ѓорче, како и на случајот „Ѓока и катната гаража“.
-За жал, ние таков тип на политика не водиме. Во врска со неколкуте работи што ги кажавте како невистини: на „Транспаренси интернешнл“ пораснавме четири места, не паднавме 11 места, а в година јас ви давам збор од овде дека растот на „Транспаренси интернешнл“ ќе биде двоцифрен, односно борбата против криминалот ќе биде поголема – рече премиерот.
Говорејќи за демографските трендови, тој изнесе податоци за бројот на лица кои повторно стекнале македонско државјанство, како и за отпустите од државјанство во изминатите години, пренесе МИА.
-Поврат во македонско државјанство во 2023 – 313 случаи, 2024 – 498, 2025 – 809. Отпуст од македонско државјанство 2023 – 1.243, 2024 – 944, во 2025 – 599 – рече Мицкоски.
Осврнувајќи се на критиките за потрошувачката кошничка, премиерот пушти тонски запис, за кој рече дека е од „авторот на синдикалната минимална кошничка“.
-Ова е авторот на т.н. синдикална минимална кошничка, кој вели дека не е минимална, туку е просечна – рече Мицкоски.
Пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, го критикуваше изборот на Шабани и Сулејмани, оценувајќи дека станува збор за политички, а не стручни решенија. Таа посочи дека образовниот систем се соочува со сериозна неизвесност и дека реформите се носат без доволна јавна дебата и транспарентност.
-Во ваков момент, кога јавноста укажува, а министерката е една од најслабите алки во Владата, очекувавме дека заменик-министерот ќе биде лице со докажана експертиза во образовните политики, со солидни искуства и со јасна визија, но неговата работна биографија на две страници не го потврдува тоа. Напротив, тие две страници се сосема доволни да се потврди неговата некомпетентност за позицијата што му се доверува – истакна Николова.
Таа додаде дека ресорот одбрана бара висок степен на професионалност и лидерство, оценувајќи дека предложениот кандидат нема доволни квалификации за позицијата.
-Одбраната е стратешки ресор, кој бара професионалност, доверба и лидерство. Предложениот заменик-министер за одбрана како поранешен портпарол на изборната комисија, веројатно има комуникациски вештини, но тоа не е и не смее да биде главната квалификација за позицијата што директно влијае на нашата безбедност. Со тоа само уште еднаш се потврдува дека оваа Влада нема намера да направи нешто добро за државата или функционален систем, приоритет е да ги задоволи коалициските потреби и ништо повеќе од тоа. Живееме во време на најсериозна безбедносна нестабилност во Европа по Втората светска војна. Живееме во услови на војна на европскиот континент, зголемени геополитички тензии, хибридни влијанија и растечки глобални предизвици – рече пратеничката.
Според неа, предложените кадровски решенија се доказ за партизација и недостиг од стручност, при што предност имаат коалициските договори наместо компетентноста.
Поддршка за новоизбраните заменик-министри изразија пратеничките од Беса, Мимоза Муса и Имрлије Салиу-Фетаи, кои оценија дека станува збор за професионалци што ќе придонесат за развојот на ресорите.
На почетокот од седницата беше усвоен дневниот ред, а пратениците ја изгласаа и потребата од носење закони за градење и за градежно земјиште по скратена постапка. По гласањето за заменик-министрите, седницата беше прекината, а продолжението ќе биде дополнително закажано.































