Фото: ЕПА

РАКОМЕТ

  • Македонија досега на мундијалите за ракометари до 21 година настапи четири пати, во 2007 година беше домаќин (се играше во Охрид и во Скопје), а најдобриот пласман е шестото место на СП 2017 во Алжир

Македонија и градот Скопје ќе бидат домаќини на големо светско ракометно натпреварување, откако на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ѝ е доверена организацијата на Светското младинско првенство за ракометари до 21 година, кое е закажано за периодот од 23 јуни до 4 јули 2027 година.
– На ова престижно натпреварување ќе настапат најдобрите млади ракометари до 21 година од целиот свет, а Македонија и градот Скопје повторно ќе бидат во фокусот на светската ракометна сцена. Ракометната федерација на Македонија продолжува посветено да работи на развојот и на популаризацијата на ракометот, како и на промоцијата на Македонија како домаќин на големи меѓународни спортски настани. Воедно, изразуваме и благодарност до Светската ракометна федерација (ИХФ) за укажаната доверба и можноста Македонија повторно да биде организатор на едно вакво значајно светско натпреварување – велат од РФМ.

Македонија досега во оваа конкуренција четири пати настапи на СП, првпат во 1997 година во Турција, кога го освои 15. место, потоа во 2007 година, кога беше домаќин на СП, во Охрид и во Скопје, а го освои 10. место меѓу 20 селекции (титулата ѝ припадна на Шведска, втора беше Германија, а трета Словенија), третиот настап беше во 2017 година, кога го освои шестото место, во Алжир, што е најдобар пласман на црвено-жолтите на овие младински мундијали, и четврти пат настапи лани, во Полска, кога се пласира на 25. место.
Шампионатот в година ќе биде 26. планетарен собир, со тоа што во 2021 година поради пандемијата на ковид 19 не се одржа закажаното СП во Унгарија. Првото СП е одржано во Шведска, во 1977 година, а златниот медал го освоила репрезентацијата на СССР, пред второпласираната Унгарија и СФРЈ, која била трета. Актуелен шампион, од СП 2025, е Данска, а на тоа првенство второто место го освои Португалија, третото Фарски Острови…
Досега најтрофејна младинска репрезентација е поранешниот СССР со пет златни, една сребрена и две бронзени медали, втора е Данска со четири злата, шест сребра и две бронзи, трета е Шведска со по три злата и сребра и две бронзи… Г.И.