Фото: „Нова Македонија“

Министерство за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека е отпочната постапка за јавна набавка за организирање чартер-летови за евакуација на македонските државјани кои се наоѓаат во зафатените региони на Блискиот Исток. За оваа намена се планирани средства во износ од 60 милиони денари, обезбедени од буџетот на Министерството.

-Имајќи ја предвид итноста и фактот дека безбедносната состојба тековно се менува, постапката ќе се спроведе согласно Законот за јавни набавки, со примена на скратени рокови предвидени за вакви ситуации. За реализација на оваа услуга се предвидени средства во износ до 60 милиони денари, обезбедени во Буџетот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во зависност од конечниот број на пријавени македонски државјани и бројот на чартер-летови што ќе се реализираат, можно е да биде искористен само дел од предвидениот износ – информира Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

Претходно од Министерството соопштија дека досега 632 македонски државјани побарале евакуација од погодените подрачја, при што дел од нив ќе бидат вратени во земјава со чартер-летови, а останатите со владиниот авион, – пренесе МИА.