Фото: КФМ

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029

  • Црвено-жолтите по победата на гости на дуелот со Азербејџан се на врвот во групата А, без пораз по четири кола. Победникот на секоја од трите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат пласман во квалификациите за ЕП 2029

Машката кошаркарска репрезентација на Македонија успешно продолжува кон зацртаната цел, пласман во квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Во 4. коло од претквалификациите, Македонија ја забележа и четвртата победа, а втора за новиот селектор, Шпанецот Жозеп Мариа Берокал, овој пат на мечот на гости со Азербејџан, со 78-70 (19-28, 18-16, 21-12, 20-14).
Со оваа победа, црвено-жолтите се на врвот во групата А со осум бода и сигурно чекорат кон главните квалификации. Во вториот натпревар од ова коло во групата А, Република Ирска на свој терен го совлада Луксембург со 91-85.
– Искрено, тешка победа, помалку и очекувано ако се знае дека против Ирска одиграа многу поквалитетно. Го почнавме натпреварот многу бавно и морам да признаам многу меко. Им дадовме мотиви, да знаат дека може да нѐ победат, но се виде дека сме поквалитетна репрезентација. После тоа се стегнавме и го дадовме својот максимум. Ја сменивме нашата игра и стигнавме до победа. Меѓутоа и на другите натпревари мораме да влеземе максимално за да стигнеме до победа, затоа што никој нема да ни ја даде. Без оглед на тоа дали губиме или водиме 20 поени, оваа наша репрезентација игра докрај – изјави искусниот крилен играч Стојан Ѓуроски.
Во редовите на Македонија, Андреј Јакимовски постигна 22 поени (имаше и осум скока), Стојан Ѓуроски 10, по осум поена реализираа Андреј Магдевски (и седум асистенции), Етан Хап и Елвир Мекиќ.

– Лошо го отворивме натпреварот. Му дозволивме на противникот да постигне многу лесни поени и да се разигра, особено нивниот најдобар играч. Сѐ се смени кога ја променивме нашата одбрана. Во нападот повеќе ја движевме топката, се боревме за секоја педа на теренот и сметам дека заслужено победивме. Оваа победа ќе ни ја крене самодовербата, не само пред завршните дуели од овие претквалификации туку и во иднина, кога нѐ очекуваат уште потешки натпревари – рече искусниот бек Андреј Магдевски.
Во својот рекорден 90. настап за сениорската репрезентација на Македонија, капитенот Војдан Стојановски постигна седум поени. Кај Азербејџан четворица играчи имаа двоцифрен ефект, а најефикасен беше плејмејкерот Весли Ван Бек со 23 поени.
До крајот на овие претквалификации има уште две кола, во јули. Победникот на секоја од трите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат пласман во квалификациите за ЕП 2029. Г.И.


ГРУПА А

Азербејџан – Македонија 70-78
Република Ирска – Луксембург 91-85

ТАБЕЛА
Македонија 4 4 0 332-265 8
Луксембург 4 2 2 339-337 6
Азербејџан 4 1 3 285-335 5
Р Ирска 4 1 3 319-338 5
Идно коло (2 јули): Македонија – Република Ирска, Луксембург – Азербејџан.