- Во многу ситуации при корнер, често има дури 16 играчи сместени во петерецот. Искрено, ова станува кошмар за судискиот тим за да го контролира. Мора да најдеме решение за оваа епидемија, рече за „Би-би-си“ поранешниот помошник-судија од Премиер-лигата, Дарен Кан
Држење, борење, борба…, корнерите во Премиер-лигата стануваат доминирани од тоа, а поранешниот помошник-судија од англиската фудбалска Премиер-лига, Дарен Кан, изјави за „Би-би-си“ дека „треба да се направи нешто“.
– Во многу ситуации при корнер, често има дури 16 играчи сместени во петерецот. Искрено, ова станува кошмар за судискиот тим за да го контролира. Мора да најдеме решение за оваа епидемија – рече Кан.
Дали судиите, играчите или тренерите се одговорни за поправање на однесувањето или ќе биде потребна промена во правилата, пишува „Би-би-си“. Сето тоа доминираше на прес-конференциите на тренерите во текот на изминатата недела. Менаџерот на Евертон, Дејвид Мојес, смета дека одговорноста мора да биде на судиите. Тој рече дека недостигот од акција е „лош“. Со оглед на тоа што прекините стануваат сè поважни во Премиер-лигата, тоа значи дека тимовите се чини дека ги засилуваат своите тактики за одвлекување на вниманието.
– Напаѓачите го преполнуваат просторот околу голманот со надеж дека ќе ги спречат неговото движење и ефикасност. Дефанзивците, во меѓувреме, се обидуваат да го блокираат трчањето на напаѓачите и се чини дека се повеќе заинтересирани да го гледаат противникот отколку топката во многу случаи – вели Кан, а тренерот на Ливерпул, Арне Слот, изјави: „Повеќето од натпреварите што ги гледам во Премиер-лигата не ми се радост за гледање. На моето фудбалско срце не му се допаѓа тоа“.
И тоа е очигледно успешна тактика во Англија, откако Премиер-лигата (27 насто) има најголем број голови од прекин во најдобрите пет домашни првенства сезонава, Серија А (24 проценти) е втора, по што следуваат Бундеслигата (22 отсто), Ла лига (19 отсто) и Лига 1 (17 отсто), пишува „Би-би-си“.
Во почетокот на сезоната, анкетата со тренери, капитени, судии и со стручњаци беше убедлива во корист на сегашниот праг за прекршоци и за интервенција на видеопомошникот на судијата (ВАР), пишува „Би-би-си“. Премиер-лигата стави поголем акцент на држењето, за да ги опфати само најочигледните примери. Седум пенали се досудени за прекршокот сезонава, четири по интервенција на ВАР. Професионалните судии на натпреварите (ПГМО) би тврделе дека тоа се истакнува во медиумите само кога се појавуваат случаи со висок профил, но, на социјалните медиуми редовно има фотографии од играчи што се држат, а нема никаква интервенција на ВАР, пишува „Би-би-си“. Гледачите се фрустрирани од повторно изведување корнери, но Кан вели дека тоа е затоа што „држењето често почнува пред да се изведе корнерот“. Не е можно да се досуди прекршок кога топката не е во игра. Можеби ова би можело да се промени, пишува „Би-би-си“.
– Моите саботни попладниња сега ги поминувам седејќи до Алан Ширер гледајќи ги сите натпревари од Премиер-лигата. Идејата на Алан, за која мислам дека има одредена вредност, е да се промени правилото, така што откако судијата ќе свири за да ја продолжи играта, судијата потоа може да казни какво било однесување. Нема да мора да чекате топката да биде во игра за да досудите пенал – рече Кан.
Кан, исто така, има своја идеја.
– Напаѓачите мора да стојат надвор од голманскиот простор (петерец) пред да се изведе корнерот. Тоа би го решило проблемот со преполниот простор околу голманот и со опкружувањето, блокирањето и попречувањето на голманот – рече Кан.
Меѓународниот фудбалски борд (ИФАБ) се состана во Велс во саботата за да ги разгледа промените во правилата за следната сезона. Главниот извршен директор на Шкотската фудбалска асоцијација, Иан Максвел, одговори на прашањата за турканиците.
– Тоа не беше нешто за што конкретно разговаравме. Без разлика дали имало промена во тој вид однесување за време на натпреварите, тие работи се случуваат во текот на сезоната. Не сум сигурен дека нужно се влошува – рече Максвел, пренесе „Би-би-си“.
Можеби навистина е потребна промена на правило за да се спречат играчите да се туркаат едни со други додека се очекува корнер или можеби е само проблем во Премиер-лигата, пишува „Би-би-си“. Н.М.
































