Фото:Ка.М

Заврши откупот на тутунот од минатата реколта. Откупени се над 26 милиони килограми тутун по просечна цена од 418 денари. Тутунарите, кои веќе започнаа со подготовките за годинашната сезона, велат дека се очекува зголемено производство, но и покачување на откупните цени.

– Од први март започнавме со потпишување договори за производство на тутун. Интересот е значително зголемен во однос на лани. Очекуваме за околу десет проценти поголемо производство. Ова се должи на добрата цена што беше постигната годинава – просек од 418 денари, плус субвенциите што ги дава државата. Иако компаниите доставија договори со цени, сепак сметаме дека тие треба да бидат зголемени. Во зависност од компанијата, понудите се од 430 до 435 денари за прва класа откупен тутун, 370 денари за втора и од 295 до 305 денари за трета класа. Речиси се идентични, односно нема ни десет проценти зголемување. Како Сојуз на тутунопроизводители ги одбивме. Со овие цени може да се откупува само една класа, а не во прва. Наш предлог е за прва класа откупувачите да плаќаат 510 денари, за втора 460 и за трета 400 денари. Ова е нашиот услов ако се откупува по класи. Засега откупувачите не прифаќаат, но ќе преговараме до последно оваа сезона – посочи денеска на прес-конференција Киро Ристески, претседател на Сојузот на тутунски здруженија на Македонија.

Тутунарите потенцираат дека производството на тутун е регулирано со закон и не смее да биде непријавено, односно нивите на кои ќе се засадува тутун мора да бидат евидентирани во подрачните единици на Министерството за земјоделство.