„Колекција како алатка“ е предавање на Зденка Бадовинац, кураторка со меѓународен углед и иницијаторка на првата источноевропска уметничка колекција „Артист 2000+“ во „Модерна галерија“, Љубљана. Предавањето е закажано за денеска, во 19 часот, во Музеј на современата уметност – Скопјe, во рамките на меѓународната групна изложба „Истокот e сè уште можен“, на дела од колекциите на МГ+МСУМ, Љубљана и МСУ-Скопје во МСУ-Скопје отворена до 29 март.
– Во 2011 година, „Модерна галерија“ во Љубљана доби нов ентитет, Музејот на современата уметност „Метелкова“ (МСУМ), кој исто така стана дом на колекцијата на повоена авангардна уметност од Источна Европа, која ја нарековме „Артист 2000+“. Поделбата на работата на две големи целини, кои работат на две различни локации, исто така бараше попрецизна дефиниција на разликата помеѓу модерното и современото. Во тоа време, го дефиниравме современото како нешто што има два почетока: првиот во 1960-тите, кога беа формирани многу нови авангардни практики; и вториот во раните 1990-ти, по крајот на социјализмот и распадот на Југославија, со зголемени процеси на глобализација и компјутеризација на светот. Сметаме дека уметноста од последните децении е наследник и на историските и на повоените авангарди, и тоа е она што го нагласивме во 2011 година кога ја избравме колекцијата „Артист 2000+“ како јадро на програмата на МСУМ. Бевме заинтересирани за авангардната уметност како нешто што е постојано испреплетено со животот, како процес што на крајот ја обликуваше и идејата за музеј на современа уметност – информираат од МСУ.
Различни презентации на колекцијата 2000+ од 2000 година до 2020 година беа создадени според заедничката идеја за колекцијата како алатка. Концептот на колекцијата како алатка ја нагласува перформативната улога на колекцијата, како и на музејот, кој игра активна улога во социополитичкиот контекст. Преку своите различни инсталации, колекцијата како алатка оживеа како симболичен капитал во меѓународната размена на идеи и како средство за самодефинирање и, следствено, за создавање поинаков модел на музеј.
Зденка Бадовинац од 1993 година до 2020 година е директорка на „Модерна галерија“ во Љубљана (од 2011 година е проширена за да го вклучи и Музејот на современа уметност „Метелкова“). Од 2022 година до 2023 година е директорка на Музејот на современа уметност во Загреб. Моментално работи како независна кураторка и авторка. Во својата работа, Бадовинац се занимава со историцизација на источноевропската уметност, итностите на современата уметност во меѓународниот свет и ситуираните начини на културно производство.