Најмалку 787 лица го загубиле животот во израелско-американските напади врз Иран, соопшти денеска Иранската Црвена полумесечина – пренесува ДПА.
Од хуманитарната организација информираат дека нападите биле регистрирани во вкупно 153 градови низ целата земја, што укажува на широк географски опфат на воените дејствија.
Црвената полумесечина соопшти дека на терен се ангажирани повеќе од 3.600 лица за итни интервенции, а операциите за пребарување и спасување продолжуваат на голем број локации – наведува германската агенција.
Во меѓувреме, Хенгау, организација за човекови права со седиште во Норвешка, вчера излезе со значително повисоки бројки, информирајќи дека од саботата досега загинале повеќе од 1.500 лица.
Според податоците на „Хенгау“, околу 1.300 од убиените биле припадници на вооружените сили, додека приближно 200 жртви биле цивили. Од организацијата наведуваат дека податоците се собрани врз основа на мрежа на контакти во земјата, преку кои ги документираат жртвите – пренесува ДПА.































