Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, според најновите податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани кои се затекнале во загрозени подрачја оствариле контакт со дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија во Тел Авив, Доха и Абу Даби, пренесе МИА.
-Од нив, 19 лица се пријавени од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин – соопшти МНРиНТ.
Согласно информациите добиени од надлежните институции, во моментов сè уште не се препорачува евакуација по копнен пат за македонските државјани кои се наоѓаат во Катар и во Обединети Арапски Емирати. Како што наведуваат од Министерството, евакуацијата ќе започне при првата безбедна можност, а веќе се разгледуваат конкретни опции за нивно безбедно извлекување веднаш штом условите тоа ќе го дозволат.
Во однос на македонските државјани кои престојуваат во Израел, од МНРиНТ посочуваат дека активно се анализираат можните алтернативи за нивно безбедно напуштање на земјата.
-Уште еднаш апелираме до македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски броеви на кризниот штаб при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва – наведуваат од Министерството.
Од МНРиНТ додаваат дека јавноста ќе биде навремено информирана за сите понатамошни случувања и дополнителни информации.































