По пауза од 11 дена, патниот правец Ќафасан – Елбасан, на делницата Либражд – Прењас, од денеска повторно е пуштен за сообраќај за сите видови возила.
Како што информира Агенција за патишта преку објава на социјалните мрежи, дозволено е движење и на тешки товарни возила, но со ограничување на носивоста до 8,2 тона, пренесува МИА.
-Сообраќајот ќе се одвива преку привремено пренасочена траса изградена веднаш до претходната постоечка, до целосна реализација на алтернативната траса, веќе објавена, на коритото на реката Шкумбин и интегрирана со железничката пруга – стои во објавата.
Од Агенцијата дополнуваат дека патот ќе биде во функција со поставена градилишна сигнализација и дека, во почетната фаза, коловозот ќе остане неасфалтиран сè додека не се стабилизираат подлогите, по што ќе следи финалното асфалтирање.
-Барајќи разбирање од сите учесници во сообраќајот и жителите на подрачјето, ги повикуваме да ја почитуваат сигнализацијата и упатствата на сообраќајната полиција, за да се гарантира безбеден сообраќај за сите – апелираат од агенцијата.
Патниот правец беше затворен поради големо свлечиште и сериозни оштетувања на коловозот на оваа делница, која е дел од Коридорот VIII. Во меѓувреме, врз основа на договор меѓу албанските и македонските институции, товарниот сообраќај се одвиваше преку граничниот премин „Блато“ кај Дебар.
































