Фото: ЕПА

Саудиска Арабија ја зголеми борбената готовност на највисоко ниво по серијата напади поврзани со Иран, додека Ријад предупреди дека ќе одговори доколку биде извршен координиран удар врз нејзината нафтена инфраструктура, пренесе МИА.

Ескалацијата доаѓа по нападот врз рафинеријата Рас Танура, со која управува државниот енергетски гигант Сауди Арамко (Saudi Aramco).

Од Министерство за енергетика на Саудиска Арабија информираа дека објектот бил цел на два дрона, кои биле навреме пресретнати, по што дел од активностите во рафинеријата биле привремено запрени од безбедносни причини.

Саудиската противвоздушна одбрана пресретнала и ракети насочени кон воздухопловна база во близина на главниот град Ријад. Извор близок до воените структури изјавил дека армијата ја подигнала готовноста до максимум.

Според претставник близок до владините кругови, Ријад засега ќе ја следи состојбата, но е подготвен да возврати со удари врз ирански нафтени постројки доколку дојде до директен напад врз Сауди Арамко.

Во меѓувреме, Катар соопшти дека неговите воздухопловни сили собориле два ирански авиони „Су-24“. Катарските власти наведоа дека ирански дронови погодиле електрана јужно од Доха, како и објект во Рас Лафан, клучниот центар за производство на течен природен гас. Засега нема информации за жртви.

Инциденти се регистрирани и во други земји од регионот. Во Оман, индиски државјанин загинал при напад врз нафтен танкер во близина на Мускат. Во Бахреин, брод бил погоден од неидентификувани проектили во пристаниште, при што избувнал пожар, но без жртви, екипажот бил евакуиран.