Триесет и четиригодишна родилка почина на 1 март на Клиника за гинекологија и акушерство, неколку дена по породување со царски рез, информираат од Клиниката за гинекологија и акушерство.
Пациентката била примена во 38. гестациска недела и се работело за петта по ред бременост со висок ризик. Породувањето било извршено на 27 февруари со царски рез, со оглед дека претходно имала три вакви оперативни зафати, па ова бил четврти царски рез. Од Клиниката посочуваат дека таа претходно била информирана за ризиците поврзани со евентуална нова бременост.
Според соопштението, операцијата поминала уредно, по што родилката била сместена на постоперативна интензивна нега. Во текот на престојот се пожалила на силна градна болка, по што веднаш била повикана анестезиолошка екипа и започната срцево-белодробна и мозочна реанимација. Лекарите успеале привремено да ги стабилизираат виталните функции.
Пациентката потоа била префрлена на Одделението за интензивна нега и реанимација, каде била поставена на механичка вентилација и под постојан кардиореспираторен мониторинг. Во лекувањето бил вклучен мултидисциплинарен тим, меѓу кои кардиолог и невролог. Извршени биле бројни дијагностички и лабораториски испитувања, а била применета и соодветна терапија и крвни деривати, додаваат во соопштението.
И покрај сите преземени мерки и обиди за стабилизација, родилката починала на 1 март на интензивна нега. Телото е предадено на обдукција, а по добивањето на патохистолошките наоди ќе биде соопштена официјалната причина за смртта.
Случајот е разгледан и од Комисијата за контрола на квалитет и унапредување на здравствената услуга при Клиниката. Од установата изразуваат сочувство до семејството и жалење за загубата.

































