Амбасадата на Македонија во Абу Даби, во координација со властите во Обединетите Арапски Емирати и Кралството Саудиска Арабија, ја разгледува можноста за репатријација и евакуација на македонските граѓани кои се затекнати во Обединетите Арапски Емирати.
Според информациите објавени на Фејсбук страната на Амбасадата, евакуацијата би се реализирала по копнен пат, со автобуси од Обединетите Арапски Емирати до Кралството Саудиска Арабија, а патувањето би траело од 13 до 15 часа. Понатаму, македонските државјани би продолжиле со авионски летови од територијата на Саудиска Арабија.
– За реализација на евакуацијата, потребно е формално барање/Нота од Амбасадата и Министерството за надворешни работи, врз основа на доставен список. Властите на Саудиска Арабија би издале хуманитарни визи на самиот граничен премин. Списокот на пријавени граѓани треба да ги содржи следните податоци: име и презиме, број и важност на патната исправа, граничен премин преку кој ќе се влезе, време и датум на пристигнување, како и местото на пристигнување и заминување – се вели во објавата.
Од Амбасадата апелираат сите заинтересирани македонски граѓани да се пријават на дежурниот телефонски број +971 56 441 7532 или на електронската адреса: [email protected].


































