Просечната потрошувачка кошничка што ја изработи Владата е за 13 проценти поевтина од потрошувачката кошничка што ја изработува Сојузот на синдикати, тврди министерот за економија Бесар Дурмиши.
Во потрошувачката кошничка изработена од Владата, како што изјави денеска Дурмиши, опфатени се 101 производ и таа е реална односно ги отсликува минималните трошоци на едно семејство, пренесува МИА.
– Околу 13 проценти оваа потрошувачка кошничка е поевтина од таа што ја објавува ССМ. Нивната не е минимална кошничка – имаат ставено производи кои во временски период не се трошат, имаат ставено ставка за кирија, а според Пописот 90 проценти од населението, има сопствен дом. Нивната кошничка не е реална, туку направена од тројца професори кои самите кажуваат дека тоа не е минимална кошничка – рече Дурмиши, одговарајќи на новинарско прашање по седницата на Економско-социјалниот совет.
Кошничката изработена од Владата денеска беше презентирана пред ЕСС, но за неа имало одредени забелешки од, како што рече Дурмиши, технички карактер, но имало и предлози кои ќе се разгледаат и на следната сендица на ЕСС која се планира да се одржи до крајот на месецов, повторно ќе биде разгледана. Доколку биде прифатена, според Дурмиши, ќе почне да се применува од крајот на овој месец.
Дурмиши го презентираше и зголемувањето на минималната плата која законски од март ќе се зголеми за 1.667 денари или во април работниците ќе земат минимална плата од 26.046 денари во нето износ.
Со ваквото законско усогласување, како што рече Дурмиши се согласиле сите присутни синдикати, освен Сојузот на синдикати на Македонија кои ја напуштија сендицата.
– Ова законско усогласување е донесено претходно кога биле усогласени сите синдикати. Сите други се согласија со ова известување. Според законот должни сме да го објавиме – рече Дурмиши.
































