Фото: „Нова Македонија“

УШТЕ ЕДЕН АСПЕКТ НА СУВЕРЕНИЗМОТ: АГРОСУВЕРЕНИЗМОТ И УЛТРАНАПРЕДНОТО ТЕХНОЛОШКО ПРОИЗВОДСТВО НА ХРАНА

Кога зборуваме за производство на храна, првата слика најчесто е поле под сонце, мирис на земја и циклусот на годишните времиња. Но развиените земји, сфаќајќи ги надворешните временски и климатски фактори како колосални во делот од агропроизводството и храната, прават еден чекор понатаму. Тој чекор се совпаѓа и со принципот на суверенизам во делот од сопственото, домашно производство на храна, заради обезбедување на своите граѓани со основните животни потреби. Во овој текст во продолжение се разработува темата за „производство на храна на едно наредно ниво, кое веќе не е иднина, туку е сегашност“.

Биореактори за производство на храна

– Да се разбереме, револуција во производството на храна се случува „во стерилни сали на високотехнолошки погони, во цилиндрични челични садови што повеќе личат на нафтени резервоари отколку на амбари“. Таквиот процес не ветува само поинаков начин на производство на месо и протеини туку има и потенцијал за еден нов облик на суверенизам што се однесува на обезбедувањето храна за населението по иновативен, високобиотехнолошки пат, заради сигурна иднина на граѓаните во однос на задоволувањето на основната потреба за квантитет и квалитет на храната – велат нашите соговорници, професори на земјоделскиот факултет во Скопје.
Некои од соговорниците дури тврдат дека овој процес го гледаат уште посмело, и тоа како „еден посебен аспект на агросуверенизам и како нова распределба на моќта во светот“!?
Токму оваа нова „револуција“ има име: биопроизводство. А прашањето што сè почесто се поставува не е дали технологијата ќе успее, туку кој ќе ја контролира.

Протеини од месо одгледано во „реактори“

Производството на храна во т.н. биореактори не зависи од дожд, суша или плодност на почвата. Наместо тоа, зависи од електрична енергија, стерилни услови, биоинженерски знаења и стабилни синџири на хемиски и технолошки инпути. Ова е „берба од челични цилиндрични садови“ и жетва што не се случува на поле, туку во реактор.
– Имам информација дека компаниите како „Импосибл фудс“ и „Бијонд мит“ веќе ја променија перцепцијата за алтернативните протеини, нудејќи растителни производи што се како месо („имитираат“ месо – н.з.). Во паралелна насока, таканаречени стартапи, како на пример „Апсајд фудс“, развиваат култивирано месо, и тоа вистинско животинско ткиво одгледано од клетки во биореактори. Во овие системи клетките се „хранат“ со хранливи раствори, растат и се делат, создавајќи мускулно ткиво без потреба од одгледување и колење животни – вели нашиот соговорник Доне Прентоски, бизнисмен со долгогодишен престој во Германија, кој е заинтересиран за инвестиции во Македонија.

Од аграрна до биотехнолошка геополитика

Историјата на храната отсекогаш била историја на моќ. Земјите со плодни рамнини, вода и аграрна традиција имале стратешка предност. Денес најголеми извозници на жито, пченка и соја се држави како САД, Украина, Бразил, а нивната улога станува особено видлива во време на војни и климатски кризи. Но ако протеините можат да се произведуваат во индустриски погони, блиску до големите урбани центри, тогаш географијата би добила сѐ помало значење. Земјите со развиена биотехнолошка инфраструктура и силен енергетски сектор би можеле да станат новите „житници“, дури и ако немаат обемни обработливи површини. Ова отвора ново прашање: Дали биопроизводството ќе ја демократизира храната или ќе ја концентрира контролата во рацете на неколку технолошки сили?

Суверенизам на храната: повеќе од самодоволност

Концептот на суверенизам на храната не се сведува само на тоа дали една држава може да произведе доволно „храна и калории“ за своето население. Тука има и други елементи што вредат да се споменат во оваа пригода. Имено, суверенизмот на храната подразбира и право на земјите (суверено) да ја дефинираат сопствената аграрна политика, да ги заштитат локалните производители и да одлучуваат како, каде и под кои услови се произведува храната!
– Но, да го нагласам и следново, биореакторите се „двосмислен симбол“. Од една страна, тие можат да ја намалат зависноста од увоз на сточна храна, од нестабилни глобални пазари и од климатски ризици. Малите и средни држави со ограничени ресурси би можеле да инвестираат во контролирани производствени системи и да обезбедат дел од своите протеински потреби без да зависат од надворешни шокови. Од друга страна, технологијата е скапа, патентно заштитена и концентрирана во неколку компании и држави. Ако биопроизводството стане доминантен модел, постои ризик агросуверенизмот да биде заменет со техносуверенизам – зависност не од временски услови, туку од лиценци, софтвер и биотехнолошки ноу-хау – вели нашиот соговорник, откривајќи ги двете страни на медалот во врска со т.н. биореактори за производство на храна.

Домашното производство како стратешка политика

За земјите со ограничен пазар и скромни буџети, прашањето не е дали целосно да го заменат традиционалното земјоделство со биореактори, туку како да изградат систем што ќе биде отпорен!
– Домашното производство на храна како жито, зеленчук, овошје, месо и млечни производи останува темел на стабилноста. Тоа значи инвестиции во земјоделството, и тоа во сите гранки, земање поголема улога на државата во планирањето на производството, окрупнувањето и пласирањето (обезбедување пазар) на производите, натаму, во модернизација на преработувачката индустрија (повисок степен на преработка на производите), поддршка, како и скратување на синџирите на снабдување. Но тоа исто така значи и внимателно следење на новите технологии – вели нашиот соговорник, инвеститорот Прентоски.
Тој понатаму ја образложува стратегијата за користење на биопроизводството.
– Ако биопроизводството стане економски исплатливо, разумна стратегија би била негово интегрирање како дополнување, а не како замена. На пример, домашни биореактори за производство на специфични протеини што недостигаат или се скапи за увоз. Така се гради хибриден модел: традиционална агрокултура плус контролирана индустриска биопродукција – тврди нашиот соговорник од Германија и потенцијален инвеститор Доне Прентоски.
Агросуверенизмот, според Прентоски, во иднина ќе биде поврзан со енергетскиот суверенитет.
– Една клучна разлика меѓу полето и биореакторот е изворот на зависност. Земјоделството зависи од земја и вода. Биопроизводството зависи од енергија. Во свет каде што енергетската транзиција станува централна тема, државите со стабилни и одржливи извори на енергија би можеле да имаат предност и во производството на нови протеини. Тоа значи дека агросуверенизмот во иднина ќе биде тесно поврзан со енергетскиот суверенитет – вели тој.

Иднината не е „или–или“, всушност комбинацијата на традиционалното и иновацијата е добра насока

Дистопискиот наратив дека полињата ќе исчезнат, а храната ќе се произведува исклучиво во лаборатории е веројатно претеран. Но исто толку е наивно да се верува дека биотехнолошката револуција нема да влијае врз глобалната распределба на моќта.
– Суверенизмот на храната во 21 век нема да значи враќање кон романтична слика на селото, ниту целосна технолошка трансформација. Тој ќе значи способност на државите да комбинираат традиција и иновација, да го заштитат домашното производство и истовремено да инвестираат во нови капацитети. Прашањето не е дали ќе има „берба од челик“, таа веќе започна. Прашањето е дали ќе ја пречекаме како зависни потрошувачи на туѓа технологија или како општества што стратешки ја вградуваат во сопствената визија за суверена, одржлива и безбедна исхрана – заклучува нашиот соговорник.