Тајна група на апликацијата Сигнал беше создадена минатата година од високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас, за шефовите на дипломатии во европскиот блок да можат директно да споделуваат информации на највисоко ниво. Групата набрзо станала редовен канал за споделување доверливи, важни дипломатски комуникации во рамките на ЕУ, како што покажа истрагата водена од страна на повеќе европски медиуми. Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) притоа инсистираше дека во групниот разговор не се споделуваат чувствителни информации, како и дека пораките автоматски се бришат по краток временски период, но овие гаранции не беа доволни за да ги стивнат грижите во европската јавност за транспарентноста во европските институции.
Спорните исчезнувачки пораки меѓу водечките европски дипломати се само дел од низата комуникациски тешкотии на ЕУ, кои деновиве ги чувствува и Македонија кога добива измешани сигнали од Брисел. Тоа се должи на спротивставените мислења за напредокот на земјава во последните европски извештаи во изминатите дваесетина дена, откако Парламентарното собрание на Советот на Европа го призна напредокот во демократијата во Македонија, а европратеникот Томас Вајц потоа наведе дека напредокот во реформската агенда е недоволен. Ваквите недоследности со право предизвикуваат незадоволство во нашата јавност и со право го отвораат прашањето на што се должи ваквата промена во краток временски рок.
Всушност, можеме да заклучиме дека единствената јасна и недвосмислена порака од ЕУ е дека спроведувањето на уставните измени останува единствен предуслов за напредокот на Македонија во евроинтегративниот процес. Тоа беше главната порака и во нацрт-извештајот за напредокот на Македонија подготвен од Вајц, кој завчера беше претставен на седницата на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) при Европскиот парламент. Утеха е што овој пат беше нотирано и дека одговорноста за застојот во евроинтеграциите не лежи само во Скопје туку и во Брисел.
Европската Унија често е критикувана бидејќи не ја усогласува сопствената реторика со постапките, што го ослабува нејзиниот кредибилитет на меѓународната сцена. Тоа беше забележливо во повеќе наврати, а можеби и најочигледно во однос на политиката на проширување на европскиот блок, во чии рамки од Брисел постојано потврдуваат дека земјите од Западен Балкан ѝ припаѓаат во ЕУ, но процесот на нивно пристапување е во застој со години, што создава фрустрација и незадоволство во нашиот регион. ЕУ исто така ги нагласува демократските стандарди што треба да ги почитува внатрешно, додека нејзиното дејствување против земји членки критикувани за демократско назадување честопати беше бавно и политички компромитирано.
Унијата се претставува и како бранител на човековите права, но соработуваше со владите во Турција и Либија за да ја ограничи миграцијата, и покрај изразените загрижености во врска со внатрешните политики во овие две држави, давајќи ѝ приоритет на граничната контрола пред сопствените промовирани вредности.
Истите недоследности се однесуваат и на политиката кон Русија, бидејќи ЕУ го осуди и санкционираше Кремљ поради војната во Украина, но со години ја продлабочуваше енергетската зависност од Москва. ЕУ се залага и за амбициозни климатски цели, но се врати на фосилни горива за време на енергетските кризи во изминатите неколку години за сметка на економската безбедност. Генерално, критичарите тврдат дека овие противречности создаваат перцепција оти ЕУ јавно промовира силни принципи, но во пракса ги применува селективно, во зависност од нејзините моментални потреби.
Извесно е дека ваквата практика на Брисел им наштетува на македонските евроинтеграции и поттикнува размислувања дека негативните мислења што доаѓаат од претставниците на ЕУ всушност се дополнителен притисок врз Македонија за испорачување на бугарските барања, особено во ситуација кога официјална Софија води засилена дипломатска кампања пред европските институции за да нагласи дека Македонија не напредува. Измешаните сигнали и противречните пораки од Брисел, колку и да се хаотични, ние добро ги разбираме, поучени од долгогодишното искуство во нивното толкување.
На јавната трибина насловена „Геополитичките промени и Македонија – враќање на историјата“, одржана завчера во Културно-информативниот центар во Скопје, во организација Институтот за меѓународни, стратегиски и безбедносни студии „Радика“, беше истакнато како Македонија мора да ја дефинира својата улога меѓу САД и Европа додека светот навлегува во нова ера на нестабилност, за што е потребен нов дипломатски пристап меѓу европската интеграција, неопходноста од нови глобални партнерства и длабоките домашни реформи, кои се предуслов за секој напредок.
Истовремено, владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски промовира нов пристап во дипломатијата, заснован на принципот на почитување на склучените договори, со што инсистира на добивање јасни гаранции дека по евентуалните уставни измени нема да следуваат нови билатерални условувања од страна на Бугарија.
Очигледно не сме загубени во преводот од бриселската терминологија и ги дочекуваме пораките од ЕУ подготвени за одбрана на сопствените цели и интереси.

































