Асоцијацијата „Макам-транс“ информира дека од денеска напладне до 22 часот, а потоа секој нареден ден до надминување на проблемот со затворениот патен правец во Албанија, ќе се пропуштаат товарни моторни возила, празни и полни, преку граничниот премин Блато. Фитосанитарните прегледи ќе се вршат до 18 часот.
Патот Ќафасан – Елбасан е блокиран од неделата поради големо свлечиште и оштетувања на коловозот и мостот на делницата Либражд – Прењас, дел од Коридорот 8, што предизвика заглавување на голем број камиони.
„Макам-транс“ потсетува дека возачите мора да имаат кантарски белешки од местото на утовар или при влез во Албанија, бидејќи на преминот Блато нема вага. За полни возила, податоците мора претходно да бидат внесени во царинскиот систем преку назначена шпедитерска куќа, затоа што на Блато нема шпедитери кои би ги изработувале документите.
– Сите кои превезуваат производи што подлежат на ветеринарен преглед или станува збор за акцизна стока ќе мора да го користат граничниот премин Блаце – се наведува во соопштението на „Макам-транс“.
Генералниот директор на Царинската управа на Албанија, Бесмир Беја, претходно изјави: „Сè додека не се подобри состојбата на патниот правец Ќафасан – Елбасан, одлучено е да се користат алтернативни гранични премини. Стоката што влегува на албанска територија ќе се обработува преку царинската филијала на преминот Блато кај Дебар. Преземени се сите потребни мерки за задоволување на логистичките потреби и зголемување на царинскиот персонал, со цел справување со зголемениот проток и што побрзо завршување на царинските процедури.“

































