ШАХ – ЦИКЛУС ЗА СВЕТСКИ ШАМПИОНИ
Предвидени се 14 кола во двете конкуренции, ќе се игра двокружно, секој со секого по двапати. Наградниот фонд е еден милион евра, пишува „Чес“
Американскиот велемајстор (ВМ) Фабијано Каруана ќе игра со бели фигури против својот сонародник ВМ Хикару Накамура, во 1. коло на Турнирот за кандидати (ФИДЕ) за предизвикувач на светскиот првак, кое треба да почне на 29 март годинава на Кипар.
Другите двојки за првото коло се Јавохир Синдаров (Узбекистан) – Андреј Есипенко (Русија), Матијас Блубаум (Германија) – Веи Ји (Кина) и Прагнананда Рамешбабу (Индија) – Аниш Гири (Холандија). Настанот ќе го одреди предизвикувачот за светската титула, за дуелот со индискиот ВМ Домараџу Гукеш.
Познати се и двојките во 1. коло за Турнирот за кандидатки, за предизвикувачка на актуелната светска шампионка, ВМ од Кина, Ју Венјун. Во првото коло ќе има три дуели помеѓу шахистки од иста федерација, и тоа од Индија, Дивиа Дешмух – Конеру Хампи, потоа од Русија, Александра Горјачкина – Катерина Лагно, како и од Кина Жу Џинер – Тан Жонгји. Единствениот дуел на шахистки од различни федерации е средбата помеѓу Ваишали Рамешбабу (Индија) и Бибисара Асаубајева (Казахстан).
Ждрепката за двата турнира беше влечена во Пафос (Кипар), пишува специјализираната интернет-страница за шах „Чес“. Предвидени се 14 кола, ќе се игра двокружно, секој со секого по двапати (со бели и со црни фигури). Наградниот фонд е еден милион евра, пишува „Чес“. Г.И.

































