Собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика денеска го одби предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратеничката група на СДСМ. Не беше прифатен ниту предлогот на координаторот Оливер Спасовски за организирање јавна расправа со цел постигнување договор меѓу засегнатите страни околу зголемувањето на минималната плата.
Со предложените измени се предвидуваше минималната плата да достигне 36.960 денари (600 евра) во периодот од март 2026 до март 2027 година. Спасовски го образложи законот како дел од континуираниот процес на раст на минималната плата започнат во 2017 година. Тој посочи дека во последните две години цените на основните прехранбени производи, енергенсите, комуналните услуги и здравствените трошоци бележат постојан раст, што ја зголемува потрошувачката кошничка.
– Во такви услови, иако постои законски механизам за усогласување на минималната плата, 50 проценти од растот на просечната плата и 50 проценти од растот на трошоците на живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување. Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход – рече Спасовски.
Пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ оцени дека „плата од 600 евра не е каприц туку нормално зголемување,“ додавајќи дека Владата треба да ги затвори системските дупки за да се спречи растот на цените.
Илире Даути од Алијанса за Албанците истакна дека „зголемување на минималната плата би требало да повлече и зголемување на просечната плата.“

































