Фото: Маја јаневска Илиева

На состанок на Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, одржан во петокот, биле усвоени заклучоци во врска со предложениот нов Закон за високо образование. Ова следуваше по прибирањето на забелешките од сите организациски единици на УКИМ, доставени до крајниот рок – 16 февруари.

Универзитетот денес е домаќин на јавна расправа посветена на пакетот од три закони кои се однесуваат на високото образование, обезбедувањето квалитет во високото образование и научно-истражувачката дејност. На настанот се презентираат заклучоците донесени од Ректорската управа, а присутните дискутираат за предложените законски решенија, пренесе МИА.

Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, нагласи дека Универзитетот генерално очекува законот да обезбеди поголема автономија – функционална, финансиска и кадровска, што претставува еден од клучните приоритети на институцијата.

-Очекуваме некои делови, кои во моментов сметаме дека се пререгулирани, ќе бидат релатвизирани, ќе бидат отстранети за да може да се остави поголемо автономно право на универзитетите, да донесуваат посебни критериуми коишто ни се битни за избори и реизбори во звања кај раззлични професии бидејќи ние ги покриваме сите научни подрачја и секои од нив е со свои специфичности. Тоа се, генерално, нашите општи забелешки, меѓутоа во дебата ќе ги дискутраме и деталите поврзани со законот и забелешките. Во исчекување сме и на законот за наука бидејќи многу одредби од овој закон упатуваат на законот за наука, бидејќи се работи за пакет закони кои се нераскинливо поврзани – истакна ректорката на УКИМ.

Според неа, постојат неколку законски одредби кои би можеле да се изменат со цел дополнително зајакнување на автономијата.

-Тоа е, пред сè, во делот на органите на управување на Универзитетиот, дел од ингеренциите на Сенатот, како највисок орган на управување на Универзитетот, сега се префрлени во Универзитетскиот совет, којшто се транформира од тело во орган на управување на универзитетот. Понатаму, сметаме дека една академска заедница во Македонија нема да направи дифиренцијација во квалитетот во високото образование. Критериумите по кои се избираат наставниците на УКИМ се во моментов највисоките критериуми во земјава и треба да ни се остави слобода и понатаму да можеме самите да си ги воспоставуваме критериумите без согласност, слободна флуктуација и мобилност на наставниците од еден на друг универзитет – рече Ангелова.

Ректорката изрази очекување дека новиот закон ќе придонесе за зголемување на научно-истражувачката продукција, особено поради воведувањето построги критериуми за избор и реизбор во наставно-научни звања. Според неа, во разумен временски период би требало да се забележи напредок во научниот аутпут и пораст на бројот на објавени научни трудови, што досега претставувало слабост.

-УКИМ е веќе во преговори со претставници од Шангајската листа и, најверојатно, напролет ќе ги имаме првите состаноци и од нив очекуваме да почнат обуки овде, на нашиот универзитет, коишто ќе бидат наменети за научно-истражувачкиот кадар на Универзитетот со кои де факто очекуваме да се подобри научната продуктивност и да се зголеми бројот на трудови – и нa Web od Science и на Scopus. А тоа ќе резултира потоа, за одреден број години, и со нашето место на Шангајската листа – додаде ректорката на УКИМ.

Дел од професорите на УКИМ изнесоа сопствени забелешки во однос на предложениот закон. Илија Ацевски, пензиониран професор по социологија на Филозофскиот факултет, посочи дека постојат недоречености во сегментот кој се однесува на квалитетот на образованието.

-Во целина е добар закон, но има недоречености за квалитетот. Според мене треба да стои дека квалитетот на високото образование ќе го процениме оној момент кога ќе ја процениме спсообноста на дипломираниот студент да работи за тоа што студирал. Тоа значи дека е потребна комисија, тело, што ќе го процени тој факт, а тоа ќе им помогне на оние кои произведуваат кадар сериозно да се зафатат со реформи на процесот. Како професор со 40 години поминати на овој факултет, најбитен е процесот на образование. За жал, ние се занимаваме со други периферни работи, но никогаш не го поставивме што значи квалитет на високото образование – рече Ацевски.

Претставници од уметничките факултети исто така изразија резерви кон предлог-законот, истакнувајќи дека нивните дисциплини имаат специфични карактеристики кои не се доволно земени предвид.

Проф. Дарија Андовска, декан на Факултетот за музичка уметност, изјави дека нивните забелешки се однесуваат на тоа колку „уметничките факултети се дискриминирани и маргинализирани во однос на другите факултети“.

-А од нас зависи целата културна сцена во државата. Постои само еден член во кои се издвоени факултетите, меѓутоа се запоставени спецификите на нашите студии, особено ФМУ, кој е специфичен и во рамките на уметничките факултети, затоа што само кај нас постои настава еден на еден – изјави Андовска.

Проф. Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности, посочи дека имаат бројни забелешки кон предложените решенија.

-Тоа што е главно и што веројатно го забележуваат и другите факултети и универзитети е автономијата на високото образование. Иако декларативно стои во самиот закон, потоа надолу, во останатите членови од законот, се нарушува таа автономност. За нас, уметничките факултети, не е земена предвид нашата специфика и доаѓаме во судир со многу работи коишто реално во пракса не можат да се реализираат – додаде Идризи.