Фото/Илустрација: Пикселс

Администрацијата на Доналд Трамп има намера да изгради воена база во Газа со капацитет за 5.000 војници, на површина од 140 хектари, објави британскиот весник „Гардијан“.

Документите до кои дошол весникот покажуваат дека станува збор за оперативен комплекс наменет за идните Меѓународни сили за стабилизација (МСС), мултинационални сили што треба да ја обезбедуваат границата и да го гарантираат мирот во регионот, пренесе МИА.

МСС е дел од Одборот за мир, структура предводена од американскиот претседател Доналд Трамп, а делумно управувана од неговиот зет Џаред Кушнер.

Според плановите разгледани од „Гардијан“, базата би се градела фазно и би имала димензии 1.400 на 1.100 метри. Таа би била опкружена со 26 оклопни набљудувачки места, полигони за лесно оружје, бункери и складишта за воена опрема, а целиот периметар би бил заштитен со бодликава жица.

Предвидена е мрежа од бункери со димензии шест на четири метри и висина од 2,5 метри, со системи за вентилација што овозможуваат засолниште за војниците. Локацијата е во јужна Газа, на сув терен покриен со јавор и бел чемпрес, но и со остатоци од метал поради долгогодишни израелски бомбардирања.

Извор запознаен со проектот изјавил за „Гардијан“ дека мала група меѓународни градежни компании со искуство во воени зони веќе го посетиле местото.

Советот за безбедност на ОН го овластил Одборот за мир да формира привремена МСС во Газа, која според ОН ќе има задача да ја обезбеди границата, да го одржува мирот и да ги штити цивилите, како и да ги обучува „докажаните палестински полициски сили“.

Сепак, не е јасно какви би биле правилата на ангажман во случај на нови борби, израелски напади или активности на Хамас, ниту пак улогата на МСС во евентуалното разоружување на Хамас, услов што Израел го поставува за реконструкцијата на Газа.

Иако повеќе од 20 земји аплицирале за учество, голем дел од меѓународната заедница останува резервиран. Повелбата на организацијата, иако одобрена од ОН, „се чини дека му дава на Трамп трајно водство и контрола“ – пишува „Гардијан“.

Експертите предупредуваат дека финансирањето и управувањето се нејасни, а неколку изведувачи изјавиле дека комуникацијата со американските претставници често се одвива преку апликацијата „Сигнал“ наместо преку официјални владини канали.

Според извор од „Гардијан“, договорниот документ за базата е издаден од Одборот за мир и подготвен со помош на американски службеници за склучување договори. Не е познато чија е земјата на која треба да се гради комплексот, но голем дел од јужна Газа е под израелска контрола.

Службеници на Централната команда на САД, која е задолжена за Блискиот Исток, му одговориле на „Гардијан“ да ги упати сите прашања во врска со воената база до Одборот за мир.

Службеник на администрацијата на Трамп одби да разговара за договорот за воената база: „Како што рече претседателот, нема да има американски војници на терен. Нема да разговараме за протечените документи“.