Во Швајцарија без пробив, ниту од руска, ниту од украинска, ниту пак од американска страна
- Преговорите меѓу Москва, Киев и Вашингтон завршија без конкретен договор, иако се наѕира ограничен напредок во воените прашања
Разговорите меѓу Русија, Украина и САД за ставање крај на војната во Украина завршија без суштински напредок, оставајќи ги клучните прашања – територијата, безбедносните гаранции и контролата врз стратешките објекти – и натаму нерешени. Трилатералните средби, одржани во Женева, траеја до доцна во вторникот, додека во средата разговорите беа скратени на само два часа, што дипломатски се толкува како сигнал за ограничен исчекор.
Иако американскиот претставник Стив Виткоф изрази умерен оптимизам, рускиот главен преговарач Владимир Медински и украинскиот претседател Володимир Зеленски ги оценија разговорите како „тешки“, но „деловни“. По завршувањето на главната сесија, Медински се вратил на местото на состанокот за дополнителна средба зад затворени врати со украинската делегација, која траела околу час и половина. Детали од тој разговор не беа објавени.
Ограничен напредок во врска со прашањето за прекин на огнот
Според украински дипломатски извор, постигнат е одреден напредок во „воените прашања“, особено околу модел за мониторинг на евентуален прекин на огнот. Тоа би можело да претставува техничка рамка за идно примирје.
Сепак, клучниот проблем – територијата, останува непремостлив. Русија не се откажува од барањето за целосна контрола врз регионот Донбас, односно Донецката Област и Луганската Област. Во моментов Украина контролира околу 20 проценти од Донецката Област, што ја прави руската позиција практично неприфатлива за Киев.
Зеленски јасно порача дека Украина нема да прифати предавање на Донбас, дури и доколку тоа прашање би се ставило на референдум. Тој направи историска паралела со Минхенскиот договор од 1938 година, кога европските сили дозволија анексија на Судетската Област од страна на нацистичка Германија – потег што денес се смета за симбол на опасен компромис.
Безбедносни гаранции и нуклеарната централа – нови линии на судир
Украина бара силни меѓународни безбедносни гаранции, вклучувајќи и присуство на странски војници – американски или европски – како одвраќање од нова руска агресија. Москва категорично го одбива тоа.
Дополнителна точка на несогласување е статусот на нуклеарната централа „Запорожје“, најголемата во Европа, која од март 2022 година е под руска контрола. Киев бара нејзино враќање, а Зеленски навести можност за заедничко менаџирање на нуклеарката заедно со САД – сценарио што Москва веројатно нема да го прифати.
Трамп станува сѐ понетрпелив поради застојот во мировните преговори
Американскиот претседател Доналд Трамп е тој што остава впечаток дека навистина ги предводи дипломатските напори за ставање крај на конфликтот. За потсетување, тој јавно изрази и висок степен на нетрпеливост поради застоите и во претходните преговарачки рунди. Трамп изјави дека „подобро би било Украина брзо да седне на преговарачката маса“, став што Зеленски го оцени како неправеден.
Да потсетиме и на тоа дека последната средба меѓу руската и украинската делегација се одржа во јануари во Абу Даби, под американско посредство, што резултираше со размена на затвореници – прва по неколку месеци. Сега се најавува можност за нова размена како еден од ретките конкретни резултати.
За обележување е и дека во Женева беа присутни и претставници на Велика Британија, Франција, Германија и Италија, кои одржуваа паралелни разговори со украинската страна, што укажува на засилена европска вклученост во процесот. Р.С.
Мирот засега е „невозможна мисија“
Оптимизмот на нашите соговорници, дипломати од кариера, беше умерен, при што истакнаа дека „женевските разговори покажаа дека техничкиот напредок е можен, но политичкиот компромис останува далечен“.
– Разликата меѓу позициите на Москва и Киев не е само територијална туку и суштинска. За Русија, Донбас е прашање на стратешка и национална агенда; за Украина, тоа е прашање на суверенитет и опстанок. Зеленски се соочува со домашен притисок да не прифати „неправеден мир“, додека Кремљ не покажува знаци на попуштање. Во меѓувреме, САД сигнализираат замор од долготрајниот конфликт и желба за дипломатски исход. Така што оптимизмот кај оние што ги следат преговорите не е на завидно ниво – коментираат нашите стручни соговорници.
Четири години по почетокот на руско-украинскиот воен судир, војната останува заробена меѓу реалполитиката и принципите. Женева не донесе пробив, но потврди нешто поважно: дека мировниот процес ќе биде долг, неизвесен и зависен не само од воената состојба на теренот туку и од политичката волја за компромис – која засега е ограничена на двете страни. Р.С.

































