- Во следните изданија на „Кинонома“ ќе објавуваме ревија на филмски критики, со наслов „Дистописки визии“, посветена на филмови со дистописка содржина, напишани од филмскиот обожавател Тони Димитров, директор на Културно-информативниот центар – Скопје
„Трансценденција“ („Transcendence“, 2014) е еден од моите понови омилени филмови, кој иако навидум е дистописки, во времето на неговото појавување беше многу поблиску до реализација на неговите предвидувања, што денес, десетина години подоцна, се случува пред нашите очи.
Станува збор за филм (на Волфганг Петерсен, продуцент Кристофер Нолан) што дојде прерано за сопственото време и токму затоа, како и голем дел од дистопиите, беше погрешно разбран. Снимен во период кога вештачката интелигенција не беше доминантна опсесија на капиталот и политиката, и сè уште беше маргинална тема, резервирана за научна фантастика и академски кругови, филмот денес изгледа застрашувачки актуелно. Она што тогаш изгледаше како технопараноја, денес се чита како трезвено предупредување и анализа на иднината што веќе ја живееме. „Трансценденција“ не предвидува класична катастрофа како другите научнофантастични филмови, туку само ја нормализира. Токму затоа и доживеа неуспех.
Во центарот на приказната е ликот на Вил Кастер (Џони Деп), научник што работи на создавање самосвесна вештачка интелигенција. По неговото убиство од страна на технолудитска терористичка група, неговата свест се „префрла“ во дигитален облик, т.е. трансценденција, што не е духовна, туку технолошка. Токму тука филмот ја поставува својата највознемирувачка теза: што се случува кога човечката свест ќе се ослободи од телото, од ограничувањата, од смртта, но не и од желбата за контрола?
Ликот на Вил Кастер, научник опседнат со идејата за создавање суперинтелигенција, е класичен технократ, убеден дека знае што е најдобро за човештвото. Кога неговата свест се дигитализира по насилната смрт, „Трансценденција“ не ја претставува таа трансформација како трагедија, туку како логично продолжение на една идеологија: дека сè што може да се оптимизира, треба да се оптимизира, па дури и смртта.
Филмот не го лоцира вистинскиот конфликт меѓу луѓето и машините, туку меѓу демократијата и ефикасноста. Дигиталниот Кастер не владее преку терор, туку преку решенија: лекува болести, ги обновува природните ресурси, ја елиминира човечката слабост. Но токму тука се разоткрива дистопијата, претворајќи се во свет во кој нема потреба од политичка дебата, отпор или несогласување, бидејќи „системот“ секогаш е во право. Со тоа „Трансценденција“ ја антиципира логиката на современиот АИ-капитализам: технологија претставена како неутрална, додека всушност функционира како апарат на моќ. Машината не е зла сама по себе; таа само го радикализира начинот на размислување на оние што ја создаваат и го следи системот во кој функционира. АИ не е надворешна закана, туку екстензија на постојниот поредок во кој контролата, надзорот и предвидливоста се поважни од слободата. Прашањето што „Трансценденција“ го поставува не е дали машините ќе станат зли, туку дали добрата намера, кога е апсолутна и неограничена, станува форма на насилство.
Филмот прецизно ја антиципира денешната реалност на АИ како невидлива инфраструктура на моќ: систем што учи побрзо од луѓето, носи одлуки и постепено ја редефинира самата смисла на автономијата. Затоа сметам дека „Трансценденција“ не е класична дистопија (во смисла на социјална критика), туку дигитална, стерилна дистопија на ефикасност и оптимизација преку АИ. Сепак, дигиталниот Кастер не сака уништување, туку подобрување и токму во таа логика на перфектност се крие хоророт т.е. свет во кој нема простор за грешка или непредвидливост. Според тоа, ова не е филм за технолошка апокалипса, туку за постепено исчезнување на човечкото, за моментот кога доброволно му ја предаваме контролата на нешто што е поефикасно и знае подобро од нас. Во таа смисла, „Трансценденција“ е поблиску до филозофска есеистика отколку до холивудски трилер.

Комерцијалниот неуспех на филмот може да се чита и како симптом. „Трансценденција“ одбива да го романтизира технолошкиот напредок. Нема херој што ќе го спаси светот, ниту класичен негативен лик. Наместо тоа, сугерира дека најопасните системи се оние што функционираат совршено токму затоа што ги прават луѓето излишни.
Денес, кога алгоритмите одлучуваат што гледаме, што купуваме, па дури и како размислуваме, „Трансценденција“ изгледа и како политички коментар, а она што го прави особено релевантен е и фактот што не зборува за иднина на машинска тиранија (како на пример Терминатор), туку за почетоците на еден нов режим на моќ што Шошана Зубоф подоцна ќе го именува како надзорен капитализам (нешто на што планирам потемелно да се осврнам во некоја следна колумна). Во филмот, вештачката интелигенција не функционира како автономен субјект, туку како систем што акумулира знаење, предвидува однесување и управува со светот преку податоци, но надминувајќи го постојното знаење и човечките капацитети. Контролата не се спроведува со присила, туку со удобност, брзина, лажна сигурност, решавање проблеми и ветување за подобар живот.
Дигиталниот Кастер е парадигматичен пример за она што Зубоф го опишува како логика на „знаење без согласност“ или систем што знае повеќе за луѓето отколку што тие знаат за себе, па токму затоа е способен да ги обликува нивните избори. Во „Трансценденција“, оваа моќ е прикажана во својата екстремна форма: алгоритам што го коригира, го оптимизира и го заменува човечкото однесување.
Филмот, свесно или не, ја антиципира централната теза на Зубоф: дека најопасната форма на моќ не е репресивна, туку инструментална. Моќ што не забранува, туку насочува; не казнува, туку „помага“; не уништува, туку апсорбира. Во тој контекст, „Трансценденција“ може да се чита и како фикционален пролог на надзорниот капитализам, моментот кога технологијата престанува да биде алатка и станува средина во која живееме.
Она што филмот го остава отворено, а Зубоф подоцна ќе го артикулира со политичка јасност, е прашањето што се случува со демократијата кога предвидливоста станува поважна од слободата, а ефикасноста од учеството. Одговорот во „Трансценденција“ е едноставен: демократијата станува вишок.
Денес, во ера кога вештачката интелигенција веќе е секојдневие, филмот добива нова тежина, како рефлексија на реалноста. „Трансценденција“ нè потсетува дека најголемата опасност не е машината што ќе нè уништи (војната на човекот против машините), туку системот што ќе нè надмине. Секако со наша согласност.
Тони Димитров

































