Фото: ЕПА
  • Во шест олимписки села, 2.100 олимпијци ги користат приспособените услуги што ги обезбедуваат ИОК и неговите партнери

Спортистите на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо уживаат натпреварувајќи се на места од светска класа пред страсна публика и прекрасни пејзажи. Во шест олимписки села, 2.100 олимпијци ги користат приспособените услуги што ги обезбедуваат Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) и неговите партнери, дизајнирани да им помогнат да се чувствуваат како дома, да останат фокусирани и да настапат врвно.
Спортистите што се натпреваруваат на ЗОИ 2026 го користат уникатниот прозорец што го нудат Игрите за да се поврзат со глобална публика и да добијат нови следбеници, а воедно имаат корист од новите можности за објавување видеа од зад сцената од Олимпиското село. Заедно, олимпијците имаат над 920 милиони следбеници на социјалните медиуми и генерирале повеќе од 1,3 милијарда ангажмани на социјалните медиуми од почетокот на натпреварите, што поттикнува силен глобален интерес за Игрите, пишува ИОК.
– Немав многу можности да се натпреварувам во Италија, па затоа можноста да го споделам овој момент со моето семејство и пријателите беше посебна. Јавноста ни даде енергија кога почнавме да се чувствуваме уморно. Домашната публика е она што ни помогна целосно да уживаме во искуството на освојување медал. Ова се моите први ЗОИ и не можат да се споредат со ниту едно друго натпреварување. Првите неколку дена се чувствував како дете на игралиште. Не знаев што сѐ може да се направи во селото, има игри, можете да се опуштите, толку е посебно. Селото е нешто различно од кое било друго натпреварување, дури и на највисоко ниво – вели Сара Конти, италијанска натпреварувачка во уметничко лизгање.
Клара Розиер исто така се натпреваруваше на своите први ЗОИ како дел од женската хокеарска репрезентација на Франција. Таа е член на Комисијата за спортисти на ЗОИ 2030 и се обидува да ги вклопи сите елементи од искуството на спортистот на овие Игри, за да може да помогне во создавањето најдобри услови за олимпијците по четири години.

– Беше неверојатно искуство. Ова ми е првпат да сум на ЗОИ. За мене беше посебно да бидам во селото, да се сретнам со другите спортисти и да можам да споделувам работи со други луѓе. Атмосферата во селото е навистина добра. Имаме добри услови и многу опуштени простори за споделување моменти со други спортисти и гледање натпревари. Тоа е нешто што е навистина убаво – вели Розиер.
Додека Конти и Розиер престојуваат во Олимпиското село во Милано, ИОК и неговите светски олимписки партнери (ТОП) вложија максимални напори за да обезбедат постојано искуство во другите села во Кортина, Бормио, Ливињо, Предацо и во Антерселва, со исто ниво на услуги достапно за сите спортисти. Тоа вклучува куќа „Спортисти 365“ во секое село, каде што спортистите можат да гласаат на изборите за Комисијата на спортисти на ИОК, да дознаат повеќе за програмите дизајнирани да ги поддржат, да се запознаат со теми како што се спречување манипулации на натпревари и антидопинг, да гледаат натпревари во живо и да играат едукативна игра базирана на апликација, пишува ИОК. На местата за натпревари спортистите имаат можност да се поврзат со семејството и со пријателите дома веднаш по нивното натпреварување преку „Атлет момент“, доставен од Олимпискиот сервис за преноси и ТОП. А спортистите што се натпреваруваат на ЗОИ 2026 добиваат паметен телефон „самсунг“, заедно со кредит од 500 долари од „Ербиенби“ за сместување по Игрите за да се релаксираат или да слават, пишува ИОК. Г.И.