Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е домаќин на тридневна работилница што се одржува во рамки на проектот „Европска универзитетска алијанса ACE 2 EU“, на која учествуваат истражувачи од сите девет универзитети членки на Алијансата. На свеченото отворање денеска присуствуваа министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, ректорот на УГД – Штип Дејан Мираковски и градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов.
Министерот Андоновски нагласи дека Владата и Министерството за дигитална трансформација активно ги поддржуваат ваквите иницијативи и го поздрави ангажманот на Универзитетот „Гоце Делчев“, кој, како што рече, уште еднаш покажува дека може навремено да ги препознае и имплементира најсовремените европски теми, како од научен, така и од практичен аспект, пренесе МИА.
Тој потенцираше дека отворањето на прашањата поврзани со вештачката интелигенција и нејзината примена е од исклучително значење, истакнувајќи дека државата има системски пристап во оваа област. Според него, тој пристап се темели на два клучни столба – изработка на стратешки документи за правилна и одговорна употреба на ВИ во јавниот сектор, како и изградба на неопходната инфраструктура.
Во таа насока, Андоновски потсети на поддршката на големиот проект со Европската Унија за воспоставување т.н. фабрика за вештачка интелигенција во Македонија, поврзувањето со антена и развојот на голем јазичен модел на македонски јазик. Како што истакна, овие активности ќе овозможат системска примена на вештачката интелигенција и во јавниот, но и во приватниот сектор. Ваквите работилници, додаде тој, се значајни бидејќи создаваат научна основа за развој на конкретни апликативни проекти и нивна практична примена.
Министерот нагласи дека за успешна имплементација на ВИ во јавниот сектор се неопходни јасна регулаторна рамка, квалитетни податоци и функционална инфраструктура, а не само стратегии на хартија. Тој посочи дека Министерството веќе работи на конкретни чекори за системско воведување на вештачката интелигенција и создавање услови за одговорна дигитална трансформација.
-Во таа насока ги преземаме активностите за националната ИКТ-стратегија 2025–2030, подготовката на национална стратегија за вештачка интелигенција во соработка со академската заедница и институциите, интеграцијата на ВИ-асистент на data.gov.mk, како и иницијативата за Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“, кој ќе овозможи развој на домашни ГПУ-капацитети и модели на македонски јазик – изјави Андоновски.
Ректорот Мираковски, обраќајќи се на свеченото отворање, истакна дека во следните три дена учесниците ќе работат на развој на проекти насочени кон примена на вештачката интелигенција за паметно управување и создавање подобро општество за сите.
Тој нагласи дека активностите од работилницата треба да резултираат со конкретни и детални проектни идеи кои ќе бидат аплицирани во рамките на европските програми, што, според него, ќе придонесе за зголемување на научната продуктивност и за поголемо влијание на универзитетите во секојдневниот живот.
Градоначалникот Јорданов посочи дека Штип низ историјата бил град кој често ги најавувал промените и додаде дека потребата од примена на вештачката интелигенција во градот, државата и општеството е очигледна, со цел да се поттикне развој и да се отворат нови можности.
Претседателката на Ариес-инкубаторот на Алијансата ACE 2 EU, Сангита Ратнаике, истакна дека целта на тридневната работилница е локалните експертизи да се интегрираат во заеднички научни истражувања на универзитети од девет европски држави. Таа нагласи дека преку вмрежување и соработка, професорите и експертите ќе развиваат заеднички научни предлози и идеи насочени кон решавање на конкретни социо-економски и општествени предизвици во Европа.
Ратнаике потсети дека Универзитетот „Гоце Делчев“ веќе учествувал како партнер во шест проекти во рамки на Алијансата и изрази очекување дека со оваа работилница во Штип ќе се зголеми бројот на нови заеднички проекти, особено во рамки на иницијативата „AI for Society & Smart Governance“.
































