Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес потпиша указ со кој се воведуваат санкции против белорускиот претседател Александар Лукашенко, поради, како што наведува, неговата поддршка на Русија во војната против Украина.
Мерките опфаќаат економски санкции, како и забрана за влез на Лукашенко на територијата на Украина, пренесува МИА.
Зеленски изјави дека во втората половина на 2025 година Русија поставила систем на релејни станици за управување со беспилотни летала во Белорусија, со што значително се зголемила способноста на руските сили за напади врз северните делови на Украина.
Тој нагласи дека повеќе од 3.000 белоруски компании се вклучени во поддршка на руската армија, обезбедувајќи машини, опрема и компоненти кои се сметаат за критично важни.
Дополнително, Зеленски предупреди дека на територијата на Белорусија се развива инфраструктура за распоредување ракети со среден дострел „Орешник“, што, според него, претставува закана не само за Украина, туку и за европската безбедност.
































