Постојат луѓе што не се однесуваат дрско, не се гласни, едноставно се тивки, ненаметливи, полека си тераат по свое, чекор по чекор и како такви ги достигнуваат најголемите височини, небаре мислиш они го живееле животот во стаклена кутија, а тие всушност поминале сѐ и сешто и кога го достигнале врвот, останале такви, прекрасни. А и имаат за што да се фалат, не само да се фалат туку да врескаат од самите себе за самите себе, удирајќи на сите сетила, на сите медиуми, насекаде. Они се едноставно свои, тивки живи легенди, кои со самата своја појава предизвикуваат разни чувства, разновидна размена на енергија. Еден од таквите е и еден од најголемите актери, а по концертот може да кажам и еден од поквалитетните автори и пејачи, рецитатори на овие простори и мноогу пошироко. Сѐ додека не се случи концертот во Скопје на крајот на јануари 2026 г., не знаев дека Шербеџија е и композитор, но и она можеби најважното, сам свој селектор на песни што другите ги пишуваат за него, а тој ги селектира и после ги одбира, па ги става на својот репертоар. Има издадено над дваесет носачи на звук, со гооолеми тиражи, кои ги пее, ги рецитира на своите концерти, но и на кои има и свои композиции. А на тие албуми има плејада од врвни композитори и музичари, како еден Саша Лошич („Плави оркестар“), Кемал Монтено, Горан Брегович, Хусеин Хасанефендич („Парни ваљак“), Дамир Урбан, Дарко Рундек, Мирослав Тадич (музички аранжмани) и многу други. Посебно место заземаат композициите и текстовите на неговиот брат по душа Арсен Дедич, со кого имаат настапувано насекаде, создавајќи емоционални шансони длабоко допирајќи до секој оној што е подготвен да се отвори кон самиот себе. Е тој Шербеџија, заедно со неговата група „Западни колодвор“, ја наполни големата сала на Македонската филхармонија, носејќи нѐ низ времиња и ситуации што сите заедно едно време ги делевме. И затоа старосната граница на публиката беше од средни, зрели и сребрени години. Излегуваат музичарите, виолина, хармоника, две гитари и бас, каква група, какво свирење, феноменално. Започнуваат да свират и ете ти го Шербеџија, сако, зелена марама околу вратот, фармерки, шешир на главата, долга бела коса и брада. Овации во публиката, знаат дека се дојдени на два часа чисти емоции. И полека се редат песните и стиховите „Барбара“, „Не дај се Инес“, „Све њежне године“, „Чекај ме“…, една по една баш како што животот ги јаде годините една по една и токму онака како што во животот има тажни и радосни моменти, токму и во неговите изведби се сретнуваат истите моменти. Па имаш пеење, па тивко шепотење (кога создава блискост со публиката), па гласно шепотење, па урлик и сето тоа поткрепено со одредени гестикулации. Знае Раде како треба, велемајстор. А публиката е маѓепсана, цело време го следи, пее, дава аплаузи, понекоја солза, понекоја насмевка, понекој сетен поглед и поооолна душа емоции. А сега една песна од еден гениј што повеќе не живее тука, кој е во Холандија, вели Раде.
И почнуваат првите тактови на „Мени се од тебе душо не растаје“. Дури и љубовните песни од Џони Штулич се тешки, преполни со вистина, удираат во душата како што Каќуша од Втората светска војна удираше во точно определени делови. Потсетување и на Кемал Монтено, Раде и виолинистот, диригентот пеат во дует „А у моме срцу лека више нема, у твојој коси“. Помеѓу песните Раде коментира, се соголува скроз, се изедначува со публиката. И сега тука нема фалење со тоа дека го знае цел Холивуд, дека снимал со најголемите, со сѐ што вреди да се сними, не се фали дека и тој е холивудска ѕвезда. Не, неее, тој зборува за војната во Југославија. За тоа дека останал без пари, дека со неговата сакана живеел во Љубљана, па се преселиле во Лондон со еден куфер и две мали деца. Тежок дел од животот, но ете го пребродиле тоа и сега се тоа што се.
Посебна благодарност упати до Милчо Манчевски, затоа што го вклучи во „Пред дождот“, и тоа во моменти кога на Раде му беше најтешко, во лондонскиот период. Во друг коментар кажува за неговото пријателство со Арсен и со Габи, каде што вели дека со неверојатниот шансониер многу се дружеле, оделе на многу фестивали заедно, пеејќи ги песните на Арсен, а гласот на Раде во тој момент ја губи јачината/силата кога го споменува Арсен. Во одреден момент на бината се качува Ана Стојановска со нејзиниот бенд „Скопје – Виа“ и заедно пеат македонски песни. Друг гостин е Влатко Стефаноски, кој пее заедно со Раде и потоа сам ја свири „Македонско девојче“, а публиката ужива и пее. Времето брзо ги троши нашите сеќавања, поминаа два часа. Публиката не сака да си оди.
На крајот излегува хорот „Кочо Рацин“, триесетина уметници. Излегува Раде со групата, има овации во публиката и најава на најновата песна „Све је пусто без тебе“. И почнуваат можеби најубавите пет минути на концертот, Раде заедно со хорот прави неверојатна атмосфера, потсетува на морето и летото. Среде зима се чувствуваш како да си на море „А валови пушу, дирају косу моје драге, а моје срце слободно прескаче од срече“. Завршува концертот, си одиме, а во срцата и во потсвеста сѐ уште сме некаде таму во некои посреќни, поедноставни времиња. Ти благодариме Раде за сѐ, им благодариме и на „Баги комуникации“ – Манде, затоа што беспрекорно го изведоа целото ова патешествие. Благодарност и за вас, публиката, затоа што прекрасно и достоинствено го пречекавте и го испративте него, пејачот/глумецот, ненаметливиот крал на шансоната.
Љупчо Давчев

































