ЗИМСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ
- На олимпискиот турнир од задутре ќе играат и 148 хокеари од НХЛ-лигата, а од нив 125 ќе бидат дебитанти на ЗОИ
По 12-годишно отсуство од олимписката сцена, играчите на Националната хокеарска лига (НХЛ) пристигнаа во Милано со чувство на исчекување, гордост и недовршена работа, пишува Интернационалниот олимписки комитет (ИОК). Долгоочекуваниот турнир за мажи на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо почнува задутре.
Ова е првпат играчите од НХЛ-лигата да се натпреваруваат на ЗОИ по Зимските олимписки игри во Сочи во 2014 година, со договор постигнат во минатата година по нивното отсуство од Игрите во Пјонгчанг во 2018 година и во Пекинг во 2022 година, пишува ИОК. Двократниот олимписки шампион Сидни Крозби, Остон Метјуз и Конор Мекдејвид ќе бидат меѓу 148-те играчи од НХЛ-лигата на овие Игри, откако тоа првенство во петокот ја паузира регуларната сезона.
И репрезентациите на Канада и на САД вчера го имаа својот прв тренинг на арената за хокеј на мраз во Милано, пред нивните први натпревари на годинашниот олимписки турнир, в четврток, кога Канада игра со Чешка, а САД со Летонија.
Сцената на аеродромот во Милано беше само слика од она што ги чека НХЛ-играчите, кои пристигнаа со четири чартер-авиони. Репрезентативците на Шведска, предводени од нивната НХЛ-ѕвезда Виктор Хедман, капитен на Тампа Беј лајтнинг, беа меѓу првите спортисти што пристигнаа.
За 38-годишниот Крозби, херојот на селекцијата на Канада на ЗОИ во Ванкувер во 2010 година, пред повторно да ја одведе таа репрезентација до златото во Сочи четири години подоцна, ова е уште една шанса да игра на врвната сцена.
– Очекувањето кога одите на олимписките игри е да освоите злато – рече капитенот на Питсбург пингвинс.
Крозби е во малцинството НХЛ-играчи на ЗОИ 2026, откако 125 од 148-те ќе го имаат своето олимписко деби во хокеј на мраз, вклучувајќи ги и Канаѓанецот Мекдејвид и Метјуз од репрезентацијата на САД.
– Ова е најголемиот спортски настан во светот. Да се направи тоа заедно со 25 од најдобрите хокеари на Канада е сон што се остварува, навистина е. Сите се чувствуваат исто – рече Мекдејвид од Едмонтон ојлерс.
И додека САД се стремат кон првото злато во машки хокеј на мраз од чудото на мраз во 1980 година, капитенот на Торонто мејпл лифс, Метјуз, вели: „Треба да се натпреваруваме за злато“, пренесе Интернационалниот олимписки комитет. Н.М.
ЗОИ 2026, ХОКЕЈ, ПРВО КОЛО
Група А (четврток): Швајцарија – Франција, Чешка – Канада.
Група Б (среда): Словачка – Финска, Шведска – Италија.
Група Ц (четврток): Летонија – САД, Германија – Данска.
































