Драган Ковачки/Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во врска со новиот состав на Извршниот комитет вели дека го сочинуваат луѓе со различни искуства во извршната и во законодавната власт, како и млади луѓе кои ќе придонесат за реализација на политиките на партијата.

– Имаме една промена од 20 до 25% во Извршниот комитет, еден спој на искуство, на луѓе со различни портфолија, луѓе коишто имаат различно искуство во извршната власт и во законодавната власт, меѓутоа имаме и луѓе коишто се помлади, носат една свежина во Извршниот комитет, којшто ќе помогнат на партијата односно на претседателот во реализација на политиките на партијата – рече Ковачки во тема на денот на ТВ Сител.

Ковачки посочи и оти дека новиот Извршен комитет во текот на следната седмица ќе ја одржи првата седница на која ќе се распишат огласите за претседатели на општинските комитети, реорганизација во партијата и подготовка за идните парламентарни избори.

– Тоа е еден Извршен комитет којшто во текот на првата половина од идната седмица ќе ја одржи првата седница, и на негова одговорност ќе падне распишувањето на огласи за претседатели на општинските комитети, реорганизација во партијата, едно кадровско освежување и подготовка за идните парламентарни избори и структурирање на партијата и подготовка за идната декада – истакна Ковачки кој беше избран за нов генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ вчера на седница на Централниот комитет на партијата.

Додаде дека за на есен се планира ажурирање на членството, и како што рече отворање на партијата генерално за нови кадри.

– Кадри кои ќе донесат свежина посебно во делот на новите процеси коишто следат во иднина, процеси во здравството, образование, нови процеси во економијата, прилагодување на новите технологии коишто доаѓаат односно подготовка за превземање и на партијата и на државата во наредната декада и така размислуваат вистинските лидери, лидерите размислуваат за иднината, превземаат мерки, подготвени да се соочат со предизвиците коишто следат во иднина – истакна Ковачки во гостувањето.