Со оглед дека во Бугарија се предвидени нови предвремени парламентарни избори и функционирање на техничка извршна власт нема со кого да се разговара на тема уставни измени и продолжување на евроинтегративниот процес. Ова од Тетово денес го оцени претседателот на партијата Движење Беса, Биљал Касами, кој имаше средба со новинарите.
– Владата е посветена на сите обврски преземени во делот на интегрирањето да ги реализира што побрзо. Што се однесува до уставните измени тоа е малку покомплексно прашање затоа што тоа бара поинтензивен дијалог и со Брисел и со Софија. Знаеме дека во моментот во Софија, се подготвуваат за нови избори така да за жал немаме кредибилен партнер со кој би разговарале за тоа како после уставните измени. Затоа што за Македонија важно е што ќе се случи после уставните измени, значи не само по себе уставните измени и внесувањето на бугарската заедница во Уставот – изјави Касами.































