Општина Струга ќе формира комисија која ќе ја утврди почетната цена за продажба на службениот автомобил „Ауди А6“, по што возилото ќе биде понудено на јавна, отворена и транспарентна аукција, соопшти денеска општинската прес-служба.
Одлуката за продажба на службеното возило беше првата што градоначалникот Менди Ќура ја потпиша веднаш по превземањето на мандатот. Одобрување за реализација доби и од Советот на Општина Струга.
– Општина Струга не планира набавка на службено возило за градоначалникот. Како што е јавно соопштено, во текот на целиот мандат градоначалникот ќе користи сопствено приватно возило, а сите трошоци поврзани со неговото користење ќе ги покрива лично. Наместо луксузно возило, Општина Струга ќе набави функционално комбе, во служба на општинската администрација, спортските клубови и градските активности – стои во информацијата.
Минимизирањето на трошоците на градоначалникот и на администрацијата на Општина Струга, според соопштението, е јасен приоритет на градоначалникот Ќура.
Против поранешниот градоначалник на Општина Струга се водеше судски процес за набавката на луксузниот автомобил „Ауди“ во вредност од 67.000 евра, а Судот во Струга донесе ослободителна пресуда.

































