Фото: ЕПА

ТЕНИС – ПО ТРИУМФОТ НА АВСТРАЛИЈА ОПЕН

  • Алкараз (22) стана најмладиот тенисер во светот што ги освоил сите четири гранслем-титули во отворената ера, откако во финалето во Мелбурн го победи Србинот Новак Ѓоковиќ со 3-1 во сетови

Карлос Алкараз (22) стана најмладиот тенисер во светот што ги освоил сите четири гранслем-титули во отворената ера, откако во финалето на Австралија Опен во Мелбурн го победи Србинот Новак Ѓоковиќ со 3-1 во сетови (6-2, 6-3, 7-5). Ова е седма гранслем-титула за Шпанецот во неговата кариера, додека Ѓоковиќ не успеа да стигне до својот рекорден 25-ти гранслем-трофеј.
– Новак сигурно заслужува стоечки овации. Зборувате за тоа како правам извонредни работи, но она што го правите инспирира. Не само за тенисерите туку и за сите спортисти, сите луѓе во светот, за мене. Играте толку добар тенис, навистина уживам во начинот на кој играте. За мене е чест да ги делам соблекувалната и теренот со вас, но и да ве гледам како играте. Ви благодарам за она што го правите, затоа што ме инспирира – му се обрати Алкараз на Ѓоковиќ.
И покрај разочарувањето, Ѓоковиќ го покажа својот спортски дух качувајќи се преку мрежата за да го прегрне Алкараз за создавањето дел од историјата. Потоа, 10-кратниот шампион на Австралија опен се посомнева дали повторно ќе биде на теренот во Мелбурн.
– Не мислев дека повторно ќе стојам на церемонијата на затворање на гранслем-турнир. Којзнае што ќе се случи утре, а да не зборуваме за следните шест или 12 месеци, но беше одлично да се игра – изјави Ѓоковиќ пред 15.000 луѓе во арената, пренесе „Би-би-си“.
Алкараз е само деветтиот човек што ги освоил сите четири гранслем-турнири, Отвореното првенство на Австралија, Отвореното првенство на Франција, Вимблдон и Отвореното првенство на САД, додека Ѓоковиќ ќе мора да почека за да го освои рекордниот 25-ти голем турнир, откако го освои Отвореното првенство на САД во 2023 година.

Првата победа на Алкараз на тврдите терени во Мелбурн значи дека двајцата ги кренаа последните девет големи трофеи заедно. Ѓоковиќ направи натчовечки напор да го победи вториот носител, Италијанецот Јаник Синер во полуфиналето, но победата над двајцата негови помлади противници во низа секогаш изгледаше како премногу тешка задача.
Кај тенисерките, петтата во светот, Казахстанката Елена Рибакина (26), ја освои титулата во Мелбурн, откако ја победи прворангираната во светот, Белорусинката Арина Сабаленка со 2-1 во сетови (6-4, 4-6, 6-4). За неа, ова е втор освоен гранслем-турнир, по оној во Вимблдон во 2022 година.
– Секогаш верував дека можам да се вратам на нивото на кое бев, оти сите имаме подеми и падови. Кога постигнувате големи победи против врвни играчи, тогаш почнувате да верувате повеќе и станувате посигурни – рече Рибакина по победата, која ја врати на третото место на светската ранг-листа, кога последен пат беше во септември 2024 година, пренесе „Би-би-си“. Г.И.