- Веселин Трајковски е млад балетски уметник, член на ансамблот на Националната опера и балет на Македонија. По завршувањето на основното образование во неговиот роден град Прилеп, средното образование го завршува во „Илија Николовски Луј“ во Скопје, а сега е во завршна фаза на студиите на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Љубов кон танцовата уметност пројавува уште на петгодишна возраст пред се благодарение на латино танците.
Сега, како вработен во Националната опера и балет, настапува во голем број претстави, изведувајќи и ансамблови и солистички улоги. Неговиот репертоар опфаќа различни балетски продукции – од претстави за деца до технички и драматично сложени класични балети.
Меѓу улогите кои особено му се значајни и оставиле силен впечаток врз него се Сината птица во „Заспана убавица“, настапите во „Кармина Бурана“, триото во „Есмералда“, како и улогата на Кралот Ларе – една од најпредизвикувачките улоги која морал да ја подготви во краток период. За неговите почетоци, процесот на учење и актуелните постигнувања, но и за плановите, предизвиците и стереотипите што ги носи оваа професија, особено кај машката популација, со Веселин Трајковски разговараме во ова интервју.
Колку академското образование ви помага да го продлабочите знаењето за балетската уметност и колку теоријата е применлива во праксата?
-Академското образование за мене е темелот врз кој се гради сè друго. Тоа ми овозможува подлабоко да ја разберам балетската уметност – не само како физичка дисциплина, туку како синтеза од музика, драматургија, историја и естетика. Теоријата е исклучително применлива во праксата, особено во интерпретацијата на улогите, во разбирањето на стилските разлики и во комуникацијата со кореографите. Кога знаеш зошто нешто се прави на одреден начин, тогаш и изведбата добива поголема смисла и длабочина.
Веќе работите во Националната опера и балет и сте дел од различни балетски продукции. Која е разликата во подготовките на различните балетски поставки?
Секоја балетска продукција има свој карактер, свој јазик и своја енергија. Подготовките значително се разликуваат во зависност од тоа дали станува збор за класичен, неокласичен или современ балет. Кај класичните претстави фокусот е на стилската прецизност и техниката, додека кај современите продукции се бара поголема лична интерпретација и актерска слобода. Она што е заедничко за сите е дисциплината и тимската работа – без нив нема успешна претстава.

Каков предизвик за вас се претставите за деца? Споделете со нас некое искуство од ваш настап, каква е реакцијата на децата и колку покажуваат интерес кон оваа уметност?
-Настапите за деца се посебен предизвик, но и огромна радост. Детската публика е искрена – ако им е интересно, тоа веднаш се чувствува, а ако не, уште побрзо. Имам искуства каде што реакцијата на децата била неверојатна: аплаузи, смеа, целосна вклученост во приказната. Токму тие претстави се клучни за развој на нова публика и за будење љубов кон балетот уште од најмала возраст.
Велите дека досега најпредизвикувачка за вас е улогата на Кралот Ларе во „Мадам Бовари“. Раскажете ни за каков лик се работи и за каква претстава. Што беше насјпецифично во подготовката на ликот кој го толкувате?
-Улога Ларе е комплексен лик со силна сценска присутност и симболика. „Мадам Бовари“ е претстава која бара голема психолошка ангажираност и прецизна актерска игра. Најспецифично во подготовката беше градењето на внатрешниот свет на ликот – неговата моќ, дистанца и емоционална студеност, пренесени преку движење. Тоа беше улога која ме натера да излезам од комфорната зона и токму затоа ми е толку значајна.

Има ли улога која посебно си ја посакувате?
-Секако дека постојат улоги кои секој балетски уметник ги сонува. Јас посакувам улоги кои се драмски силни и комплексни, ликови што дозволуваат длабока интерпретација и личен печат. Не ми е толку важна „тежината“ на улогата, колку можноста преку неа да раскажам приказна.
Од кој машки балетски уметник кај нас и/или во светот сте воодушевени?
-На светско ниво, инспирација ми се уметници кои успеваат да ја спојат врвната техника со силна актерска изразност. За мене, вистински балетски уметник е оној што знае да допре до публиката, а не само да импресионира технички а еден од моите инспиративни танчери е руско-американскиот балетан, кореограф и глумец Михаил Барушников.
Какава е вашата секојдневна рутина за да одржите физичка подготвеност, како го тренирате телото, но и духот. Кои се вашите методи за дизциплина и истрајност?
-Мојата рутина вклучува секојдневен класичен тренинг, проби, дополнителни вежби за сила и флексибилност, но и грижа за менталното здравје. Телото е инструмент, но духот е оној што го води. Дисциплината за мене не е присила, туку навика изградена со љубов кон професијата. Истрајноста доаѓа кога знаеш зошто си на сцената.

Факт е дека особено за мажите, балетската професија носи стереотипи. Се соочувате ли со ткави ситуации и како се справувате со нив?
-Стереотипите постојат, особено кон мажите во балетот, но јас се трудам да не им давам тежина. Најдобриот одговор на предрасудите е професионализмот и квалитетот на сцената. Балетот бара огромна физичка и ментална сила, и кога публиката ќе го види тоа, стереотипите полека губат значење.

Каква сцена или каков успех си посакувате во вашата натамошна кариера? За што сонувате?
-Сонувам за сцена на која ќе можам искрено да се изразам, без разлика дали е дома или надвор од границите. Успех за мене не се само голема улога или аплауз, туку континуиран раст како уметник и како човек. Сакам мојата кариера да биде исполнета со смисла, предизвици и вистинска уметност.

































