Фото: Пиксабеј

ЗИМСКА ТРИЛЕР-СТОРИЈА

Кристалните снегулки волшебно се пресликуваа во маслинестите очи на Марија Воронцова. Надвор ветерот злокобно пиштеше носејќи снежни бранови. Во каминот весело крцкаа цепенките ширејќи пријатна топлина. Од длабочината на шумата допираше завивање на глутница. Во потрага по храна, волците влегуваа во населбите. Беше последниот ден од старата година, точно две седмици од познанството на учителката со човекот што не ѝ припаѓаше на средината, но беше перфектно адаптиран на нејзината суровост. Беше очигледно дека тој ужива во улогата на самотник што самиот си ја наметнал. Празничната атмосфера беше подгреана со прекрасно накитената елка. Лампионите молскаа во колоритен раскош прифатен од магичните светулки.
Воронцова не можеше да си дозволи луксуз за да пребира по облеките што ги понесе со себе од Москва. Едноставно, во Јакутската Област сѐ беше подредено на потребите што ги диктираше зимата. Па сепак, темносиниот шетланд испрскан со светли преливи и квалитетните фармерки од црн сомот, дискретно ја истакнуваа нејзината фигура. Со раце вкрстени на градите, втренчено го следеше танцот на снегулките под уличната светилка.
Марија беше само во дачата на Калугин. Работите околу преуредувањето на дел од училишната зграда во која требаше да се смести, постојано се одолжуваа. Блискоста на две суштества што делат принудно ист покрив, во почетокот беше проткаена со воздржаност. Со текот на времето, тие добија сосема нов карактер. Ако Маша во првите денови постојано одбиваше да го делат оброкот што траперот го приготвуваше, па дури и да се напијат по чашка сортно грузиско вино, да разменат мислење и притоа да откријат макар дел од сопствената интима, дојде моментот кога таа и самата посака работите да се променат од корен. Да се повлече во себе на место што и така диктираше осаменост, ќе беше погубно.
Се случи таа малку по малку да открива дел од своите стравови. Сега Калугин знаеше дека убавицата е во бегство. Неа ја прогонуваа ’ртовите на нејзиниот сопруг, тајкунот Генадиј Василевич Воронцов. Од друга страна, таа откри дека Калугин е во бегство од самиот себе и живее со надеж дека Сибир ќе му помогне да се поврати во реалниот свет. Импресивен беше бројот на промашувањата што ги беше направил во животот.
Нејзиниот сопруг Воронцов бил типичен претставник на новиот бран милионери – тајкуни. Тој жарел и палел на просторот на некогашниот Советски Сојуз, па и пошироко. Неговите шепи допирале насекаде по светот. Таа го опиша како аморфна мозочна структура и суштество без скрупули. Него природата го наградила со животински манири за опстанок. Предатор и камелеон приспособлив кон сите општествени процеси и појави. За успех и профит, бил подготвен на сѐ.
Малата принцеза што им се родила како плод на неговото силеџиство и потребата да остави потомок со негови генетски предиспозиции, не направила ништо за нивно зближување. Сакал син, добил ќерка. Со тоа уште повеќе се оддалечил од својата законска сопруга, која била негова спротивност. Шармантна, питома, умна. Вистински интелектуалец. Притисокот што постојано ѝ го правел, ја натерал да ги побара својата и слободата на девојчето во бегство.
Марија Воронцова беше темелна жена. Таа воопшто не размислуваше дали со себе да ја поведе Каја, нејзината ќерка единка. Не ни помислуваше да се врати назад во дувлото. За да биде сигурна дека долгата рака на Генадиј Василевич нема да допре до нив, привремено ѝ ја остави малечката на една школска другарка од Краснојарск. Имаше цел да се среди на новото работно место и дури потоа да си ја прибере. Но со првиот чекор во Тирек ѝ стана јасно дека голтнала преголем залак. Од студот мрзнеше крвта во жилите, а здивот запираше во грлото. Веднаш си се прекори за избрзаноста. Таа израсна во јужните регии на Советскиот Сојуз каде што климата беше многу попитома. Но таму сигурно ќе претставуваше лесен плен за мисионерите на смртта на нејзиниот сопруг.
Познанството со Калугин како да и го разигра замрениот дух. Потоа чувствата срамежливо ја напуштија нејзината душевна пештера. Врвот на затоплување на нивниот однос стигна со виорот на снежните облачиња и магијата на празничната вечер. Подоцна ниту сама не можеше да си ја објасни големата трансформација. Туку, нешто силно ја привлече во силната прегратка на траперот. За миг, емоциите го пламнаа огнот и таа со сето свое битие посака да му припадне на човекот што внесе питомина во нејзината душа. Таа магија се претвори во вечност. Но кога играта заврши, почувствува голема празнина во градите. Во нејзината глава никна сомнеж за исправноста на постапката. Се плашеше од животот, од самата себе и од силата на дилемите што ја дробеа.
До денот на Христовото рождество се оддалечи од Калугин. Тој, пак, покажа големо разбирање за нејзините постапки. Во секој случај ја остави да расчисти најпрвин со самата себе, а потоа и да ги отвори намерите што се однесуваа на заедничкиот живот.
Бидејќи беше искрена кон себеси, смело се соочи со своите чувства. Очекуваше бадната вечер да биде нешто посебно. Марија Воронцова се подготви за тој чин. Трепереше во очекување на доаѓањето на Калугин. Со секоја заеднички мината ноќ и со секој нов изблик на чувства, си ветуваше себеси дека нема да дозволи продлабочување на врската. Но пред чувствата и вистината, немаше што да прави.
Некој дискретно тропна на влезната врата и таа поита да отвори.
– Ајсен, ти? Ајде повели внатре.
– Христос се роди – пропелтечи Јакутот. Ова го имаше научено од Николај. Во рацете држеше кутија украсена со машничка.
Воронцова слатко се насмеа.
– Повели, седни.
– Каде е Привидение?
– Николај отиде до продавницата да купи шампањско. Рече дека брзо ќе се врати. Чувствувај се слободен.
– Повели, земи ја – Ајсен ѝ ја подаде кутијата. – Отворете ја заедно со него.
– Подарок за Божиќ? Внимание достојно за почит. Ти благодарам во мое и во име на Николај.
Маша го стави подарокот под елката и се врати кај гостинот.
– Ако не се лажам, во кутијата како да има кученце. Можеби треба да го ослободиме? – Е па, кога веќе откри што донесов, ќе кажам дека во кутијата се наоѓа мала сибирска хаска. Маша нежно го бакна по челото, а тој се вцрви. – Ти благодарам од сѐ срце, Ајсен! Може чај? Надвор е кочан студен – Ќе ти бидам благодарен. Маша се упати кон комодата и оттаму се врати со прекрасна фигура на буф. – Овој предмет ѝ го подарив на мојата ќеркичка за нејзиниот петти роденден. Во почетокот лудуваше по него, а потоа почна да се плаши. Јас го понесов со мене за да ми служи како амајлија. Иако ми значи, ти го подарувам од сѐ срце. – Никако – се побуни Ајсен. – Тоа ѝ припаѓа на твојата ќерка и јас нема да се чувствувам добро поради неа. – Ајсен, ти го подарувам од сѐ срце. Те молам, земи го. Ти си можеби единствениот што ќе го зачува. Однадвор допре звук на мотор. – Машината за чистење снег – рече Маша откако ѕирна низ прозорецот. Само што послужи топол чај, некој дискретно тропна на вратата. Ајсен и Маша се погледнаа.

Роберт Торн