Луѓе од целиот свет собираат пари преку Интернет со цел да му купат нов кауч на Илон Маск, чие богатство се проценува на 19,2 милијарди долари, пренесуваат американските медиуми.
Повод за акцијата е неодамнешно интервју на извршниот директор на компаниите „Тесла“ и Спејс екс“, во кое тој се жали оти честопати спие на кауч во неговата канцеларија. Но, каучот е тесен, па Маск понекогаш одмора лежејќи на подот.
Набргу по интервјуто беше покрената акцијата „Купете му кауч на Илон Маск“ на интернет-страницата „Гоуфандми“.
– Илон Маск го менува нашиот свет за тој да функционира на одржлива енергија и со одржливи облици на транспорт. Во последно време тој спие во фабриката во Фримонт, со цел да ја подобри продукцијата на автомобилите од серијата „Модел 3“ на „Тесла“. Ова е каучот на кој Маск спие. Како заедница не смееме да дозволиме ова да продолжи. Ајде да се здружиме и да му купиме нов кауч на Маск – се наведува во пораката на акцијата.
До денеска беа собрани околу пет илјади долари (донираа околу 400 луѓе) во акцијата (првичната цел беше да се соберат 1.000 долари), со што на страницата за донациите се наведува дека тие ќе бидат уплатени во добротворни цели, доколку Маск не ги прифати.