Во Драмскиот театар се одржа првата проба на претставата „Ова е само крајот на светот“ по истоимената драма на Жан-Лик Лагарс. Преводот, адаптацијата и режијата се на режисерката Теа Беговска. Сценографка и костимографка на претставата е Надиа Василева од Бугарија, музиката е на Енес Беговски. Инспициент е Гоце Бојчев, а суфлерка е Жаклина Цветковска. Во актерската поделба се актерите на Драмскиот театар: Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ.
Директорот Роберт Вељановски на денешната прва проба ги поздрави колегите, им посака успешен процес и го изрази задоволството што ја почнуваат 2026 година со подготовка на овој познат текст на Жан-Лик Лагарс, кој има и своја филмска верзија.
„Ова е само крајот на светот“ е првата претстава што се подготвува во Драмскиот театар во годината кога тој го обележува 80-годишниот јубилеј. Премиерата се планира за 7 март.
Режисерката Теа Беговска им се заблагодари за довербата на актерите што прифатиле заедно да ја работат оваа длабока семејна психолошка драма. Таа сподели дека кога промислувала за овој драмски текст, ликовите ги поистоветила токму со актерите што ги одбрала во оваа поделба на улогите.
– Верувам дека во процесот на подготовките на претставата сите заедно многу ќе истражуваме и ќе создадеме една моќна претстава за дисфункционалното семејство во кое навидум сите се на број, но секој го живее својот индивидуален проблем и најважен процес е одложувањето да се каже вистината – вели Беговска.
Драмскиот текст на претставата „Ова е само крајот на светот“ започнува со реченицата што ја изговара Луис: „Еве сум по десет години, дванаесет поточно… Значи по дванаесет години отсуство, и покрај мојот страв, решив да одам да ги видам. Во животот постојат многу причини за отсуство што се само твои и не го допираат никого освен тебе самиот. Причини поради кои си решил да заминеш без да погледнеш назад… Од друга страна, постојат исто толку причини што те тераат сепак да се вратиш назад. И така, по сите овие години, одлучив да се вратам. Да се впуштам во оваа авантура, да отпатувам… да ја објавам мојата смрт. Да ја објавам јас, лично, и да се потрудам да им ја докажам на другите и на себеси, за последен пат, илузијата за тоа дека до крајот… јас сум господар на сопствениот живот. Да видиме како ќе се случи тоа“.
Режисерката Теа Беговска најавува дека публиката на 7 март ќе има можност да ја гледа претставата и да процени дали протагонистите во претставата успеале да ги променат работите и да нѐ замислат дали ја имаме можноста да разговараме, да не се доведеме до „крајот“ каде што веќе нема можност за комуникација. С.Ј.
































