Фото: ЕПА

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА РАКОМЕТАРИ

  • Данска на тој начин му го нанесе првиот пораз на бранителот на титулата Франција, а само втор на европските првенства. Прв стрелец беше феноменалниот десен бек на Данците, Матијас Гидсел, со девет гола, а кај Французите Емерик Мине со седум гола

По седум возбудливи дена од прелиминарната рунда, главната рунда на Европското првенство (ЕП) 2026 за мажи продолжи во Хернинг (Данска). Германија, Норвешка и Данска извојуваа значајни, но тешки победи, за да ја започнат полетно втората рунда. Дербито на денот меѓу ракометните гиганти, актуелниот светски и олимписки првак Данска и актуелниот европски шампион Франција ѝ припадна на Данска, која во својата арена во Хернинг пред 13.260 навивачи, во неизвесен меч, славеше со 32-29. Данска на тој начин му го нанесе првиот пораз на бранителот на титулата Франција, а само втор на европските првенства. Прв стрелец беше феноменалниот десен бек на Данците, Матијас Гидсел, со девет гола, а кај Французите Емерик Мине со седум гола.
Франција беше првата селекција во историјата што ја победи Данска во оваа иста арена, во финалето на ЕП 2014 со 41-32 за нивниот трет од четирите европски трофеи. До вторникот ова беше единствениот дански пораз во нивниот „ракометен дом“, пред да загубат од Португалија со 29-31. Последен пат Данска доживеа два пораза во низа во 2022 година, кога загуби од Франција, а во полуфиналето и од Шпанија. Но останува фактот дека двете селекции ниту еднаш не ремизирале на 27 официјални меча, додека Данска ја ограничи Франција на нејзиниот најнизок резултат од 29 гола на ова ЕП досега.
– Денешниот ден беше неверојатно тежок. Тоа беше чисто лудило и хаос. Многу сум среќен и горд на тимот и што сега имаме два бода – изјави по мечот данскиот селектор Емил Јакобсен.
Германија извојува тесна победа во првото коло од втората фаза со 32-30 над Португалија, благодарејќи најмногу на бекот Миро Шлуроф, кој постигна седум гола од осум шута и искусниот голман Андреас Волф со 13 одбрани, кој беше прогласен и за играч на мечот. Кај Португалците се истакна Франциско Кошта со 10 погодоци. Германија остана на врвот на табелата освојувајќи уште два бода во групата еден. Сепак во финишот на мечот се случи и судиски скандал. Имено, по изведувањето од центарот, еден германски играч во моментот на почетниот удар се наоѓаше пред португалскиот гол, додека двајца негови соиграчи ја поминаа централната линија пред судскиот свиреж. И покрај тоа, акцијата продолжи и заврши со гол за конечниот резултат. Европската ракометна федерација (ЕХФ) подоцна со свое соопштение потврди дека правилната процедура на судиите требало да биде повторување на почетниот тргнување од центарот, што значи дека голот не требало да биде признаен во тој момент. Иако ЕХФ индиректно призна дека Португалија е оштетена, според правилата на ЕХФ, резултатот од мечот не може да се менува по ваков тип процедурална грешка на теренот.
И во третиот возбудлив дуел по голема борба, Норвешка ја победи Шпанија со 35-34 и ги освои првите бодови со голот на Тобијас Грендал, додека Шпанија не го искористи последниот напад иако имаше играч повеќе. Најпрецизен кај Норвежаните беше Аугуст Педерсен со 11 гола, додека кај Шпанците Алеиш Гомез со осум гола. Г.И.


ГЛАВНА РУНДА

ГРУПА 1. Резултати 1. коло: Германија – Португалија 32-30, Шпанија – Норвешка 34-35, Франција – Данска 29-32. Табела: Германија 4, Франција 2, Данска 2, Португалија 2, Норвешка 2, Шпанија 0. Двојки 2. коло (денеска, во Хернинг): Франција – Португалија (15.30 ч.), Шпанија – Данска (18 ч.), Германија – Норвешка (20.30 ч.)
ГРУПА 2: Табела: Шведска 2, Словенија 2, Исланд 2, Унгарија 0, Швајцарија 0, Хрватска 0. Двојки 1. коло (вчера во Малме): Исланд – Хрватска, Швајцарија – Унгарија, Словенија – Шведска.