Голем број граѓани и попладнево се собраа на протест на раскрсницата на булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ во близина на Цементарницата Усје во Скопје за да го искажат својот револт заради огромното загадување на воздухот во градот.
Граѓаните уште еднаш ги повторија своите ставови дека индустрискиот капацитет е голем причинител на загадувањето и повторно побараа дислокација.
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ повторно излезе на улица со порака да се стават независни мерни станици кои ќе утврдат колку загадува Цементарница. Со транспаренти „Жолт картон за Усје и МЖСПП“, „Ваши тајни деловни за наши бели гробови“ и „Скопје во одбрана на живот“, демонстрантите побараа итни мерки за заштита на здравјето и животната средина.
Симболично, Усје и Министерството за животна средина добија жолти картони од присутните кои истакнаа дека е неопходен независен мониторинг на работењето на фабриката бидејќи, како што истакнаа од организаторите „Стоп за Усје“, граѓаните немаат доверба во резултатите од мерењата кои капацитетот самиот ги прави и објавува.
Говорниците нагласија дека загадувањето не е само еколошки, туку и сериозен здравствен проблем, особено за децата, и порачаа дека протестите и блокадите ќе продолжат сè додека нивните барања не бидат исполнети.











































