Фото: МВР

Девет човечки животи се спасени во тест-периодот на „Безбеден град“ во споредба со истиот период минатата година кога биле евидентирани 11 смртни случаи од сообраќајни незгоди на територијата на СВР Скопје – истакна денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски одговарајќи на прашање на пратеникот Халил Снопче.

На собраниската седница за пратенички прашања тој го праша Снопче која е цената на човечкиот живот нагласувајќи дека од иплементацијата на проектот заслуга на македонските граѓани било токму спасените девет човечки животи.

– Во тест-периодот имаме две сообреќајни незгоди со смртни случаи, односно два смртни случаја. Девет помалку, компаративно со минатата година. Само во тест-периодот, без казни. И тоа е заслуга на македонските граѓани, на сите оние што управуваат моторни возила на територијата на СВР Скопје и оние што идат од Гостивар, Велес и оние што живеат во Скопје и управуваат моторно возило – рече Тошковски.

На пратеникот му порача дека треба да говорат за такви проекти во кои се спасуваат човечки животи и кои ќе им помогнат на сите македонски граѓани.

– И за разлика од вас, јас не знам по кој пат, освен Албанците и албанскиот јазик, ќе ги кажам Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите, Србите и сите други убави македонски граѓани што живаат во оваа убава Македонија. Еднаш излезете на говорницата, ве молам, и кажете ги сите македонски граѓани и да важи за сите македонски граѓани, а не само за едни од македонските граѓани – истакна Тошковски.

Тој истакна дека албанскиот јазик ќе биде употребен во согласност со законот и сите акти што ќе излезат од Министерството за внатрешни работи ќе бидат во согласност со законот.